• четврток, 26 декември 2024

Самитот на Г-20 во Рим е во сенка на ЦОП 26

Самитот на Г-20 во Рим е во сенка на ЦОП 26
Рим, 29 октомври 2021 (МИА) - Во присуство на американскиот претседател Џо Бајден, но без претседателот на Кина и на Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин во Рим викендот почнува Самитот на Г-20, што ќе биде фокусиран на климата, борбата против Ковид-19 и економското закрепнување. Самитот на 20-те најразвиени земји се случува во пресрет на 26. Конференција на ОН за климатски промени ЦОП26, што почнува в недела во Глазгов. Самитот на Г-20 често критикуван како затворен клуб на економски сили, од кој не произлегуваат конкретни одлуки. Италијанскиот премиер Марио Драги претходно апелираше „Г20 да се посвети на потребата да се ограничи зголемувањето на температурите до 1,5 степени“, најамбициозната цел на Парискиот договор за климата. Но, земјите од Г-20, кои произведуваат 80 отсто од штетните емисии во светот, се многу различни во однос на нивниот социоекономски развој, комбинацијата на извори на енергија што ги користат и нивните климатски амбиции. Некои се стремат кон јаглеродна неутралност во 2050 година, други во 2060 година. Според истражувач во институтот Чатам Хаус, Ентони Фрогат доколку Г-20 не се посвети на овие две точки (1,5 степен и неутралност во 2050 година), „нема надеж за постигнување на целите“ од Парискиот договор. Што се однесува до вакцините, не се очекуваат шокантни изјави: На самитот во Рим во мај, меѓународната заедница вети дека ќе обезбеди неколку милијарди дози за најсиромашните земји оваа и следната година. Предизвикот сега е да се испорачаат вакцини и да се вакцинира населението во земјите чии здравствени структури често се слаби или непостоечки. Иако Г-20 го ратификуваше договорот за глобална минимална даночна стапка од 15 проценти за мултинационалните компании, по договорот постигнат од 136 земји на ОЕЦД, сега останува најтешкиот дел, секоја земја мора да го вклучи овој глобален договор во сопственото законодавство. Во Рим, Бајден ќе се обиде да ја остави во минатото ерата на Трамп и американското повлекување. Додека Си на форумот ќе учествува само преку видео врска. Ова се случува кога забавува кинескиот раст, што ги загрижува владите и финансиските пазари ширум светот, а односите на Пекинг со Вашингтон и Европејците остануваат тензични. И Путин, кој се бори со зголемувањето на бројот на заболени и починати од Ковид-19, исто така на Самитот на Г-20 ќе учествува прекув видео-конференција. На форумот лично ќе присуствуваат бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и индискиот премиер Нарендра Моди. Ова ќе биде последен состанок на Г-20 за канцеларката Ангела Меркел, придружувана од нејзиниот веројатен наследник, социјалдемократот Олаф Шолц, министер за финансии во досегашната влада на Германија. ми/

Тагови

Остани поврзан