• четврток, 26 декември 2024

Саломон: Вториот бран на епидемијата би можел да биде поголем од првиот

Саломон: Вториот бран на епидемијата би можел да биде поголем од првиот

Париз, 28 октомври 2020 (МИА) - Вториот бран од епидемијата со Ковид-19 од кој е погодена Франција „може да биде поголем од првиот“ затоа што бројот на пациенти на интензивна нега сепак „ќе се зголеми механички, што и да правиме“, изјави вториот човек на француското Министерство за здравство  Жером Саломон, јави дописникот на МИА од Париз.

-Токму затоа што сме во очекување и во предвидување, властите алармираат, иако болничките служби сè уште не се преполни, објасни генералниот директор за здравство пред Комисијата за истрага од Националното собрание за управувањето со здравствената криза.

Повеќе од 2.900 пациенти заболени од Ковид-19 беа хоспитализирани на интензивна нега во вторникот, зафаќајќи половина од креветите кои во моментов се достапни во Франција. На врвот на првиот епидемиски бран, во април, повеќе од 7.000 пациенти беа хоспитализирани на интензивна нега.

-Она што го гледаме во дневната статистика за бројот на нови позитивни случаи, станува збор за луѓе кои биле инфицирани во просек „една недела пред тоа“: „односно гледаме во ретровизорот“, рече професорот Саломон, земајќи ја предвид, на пример, бројката за повеќе од 50.000 нови контаминации објавена во неделата.

Тој додаде дека меѓу нив има и „кревки луѓе“ (стари лица, дебели, дијабетичари и сл.) кои имаат „голема веројатност да бидат хоспитализирани, па дури и да одат на интензивна нега или да умрат“.

-Симптомите на тешкотии во дишењето кои бараат хоспитализација обично се појавуваат неколку дена по првите симптоми и дијагноза. Сè уште сме далеку од врвот на овој втор бран, со оглед на овој ефект на латентност, додаде Саломон.

Специјалистот за инфективни болести пред пратениците подвлече и дека „имањето три до четири пати повеќе кревети за интензивна нега нема да го отстрани проблемот“, објаснувајќи дека станува збор за избегнување на што е можно повеќе пациентите да развиваат тешки форми кои бараат хоспитализација во овие одделенија.

- Покрај фактот дека стапката на смртност на интензивна нега е околу 30 отсто, престојот на интензивна нега е ужасно трауматичен на психолошки план и остава последици, што е тешко да се поврати, рече Саломон.

Вечерва претседателот Емануел Макрон ќе ги објави најновите рестриктивни мерки при неговото телевизиско обраќање до нацијата, а веќе преку медиумите јавноста се подготвува за нов целосен карантин со траење од најмалку четири седмици. тг/

Остани поврзан