• недела, 01 септември 2024

Сали: Проектот за Клинички центар се дискутира 17 години, досегашната најголема пречка полека се надминува

Сали: Проектот за Клинички центар се дискутира 17 години, досегашната најголема пречка полека се надминува
Скопје, 19 мај 2022 (МИА) - Проектот за нов Клинички центар се дискутира 17 години, првичната идеја е од 2006-2007 година. Јас од стапувањето на оваа функција почнав со продолжување на истата идеја. Меѓутоа во истражување и анализа зошто досега не е реализиран проектот излегува дека се направени неколку тенденции за отпочнување на изградба на тој Клинички центар, неколку физибилити анализи, па локации, па дискусии, па одлуки се донесени, па конкретни проекти и излегува дека политичкиот момент бил клучен за таков еден проект да не се реализира во нашата држава, изјави министерот за здравство Беким Сали. - Морам да напоменам дека овој проект е од животно значење на државата и дека не би требало да се гледа низ призма на политички бои. Затоа пристапив кон комуникација со сите поголеми политички партии кои можат да донесат една унифицирана одлука без разлика дали локацијата, формата, износот и начинот на финансирање или пак дали ќе биде во постоечка позиција, доградување на зграда или ќе биде на одвоена во сосема нова локација, рече Сали во денешното гостување во Дневникот на Сител ТВ. Министерот истакна дека се уште се во фаза на дискусија и нема одлука за локацијата. - Нема одлука. Јас не можам да прецизирам за мене која локација e најрелевантна за нов Клинички центар, затоа што тоа е битен проект кој мора да биде решен и со мислење на експерти, односно од Катастар и инженери од градежништво и екипи кои тоа цел живот го работат. Досега ја имаме политичката волја дека тој Клинички центар како и да се договориме ќе биде поддржан од власта и опозицијата. Сметам дека ова за прв пат ова го постигнуваме како консензус. Сметам дека најголемата пречка досега, полека се надминува. Не знам како ќе течат преговорите, како ќе се одлучува во иднина, за која локација, за формата на финансирање, кој ќе гради, се уште не знаеме, рече Сали. Тој истакна дека за локација за нов Клинички центар во игра се опциите Веле Поле, касарната „Илинден“, надополнување на ГОП „8 Септември“, со тоа што ќе биде претворена во комплекс на универзитетски клиники. Околу тоа колку пари се потрошени на физибилити студии, министерот Сали истакна дека во материјалниот дел не би можел да прецизира, затоа што, како што рече, неколку проекти се направени и се промовирани кои биле донација на заинтересирани странки, како што беше предлог проектот во Веле Поле кој бил самоиницијативен проект на една од компаниите која е заинтересирана за градба. Министерот Сали истакна дека се набавени опрема и апаратура која што не е инсталирана поради технички причини, поради несоодветно место каде треба да се постават, недоволни инсталации за поднесување на елементарната потреба и можеби поради немање буџет и средства се откажувала таквата инвестиција. Посочи дека има апарати кои по 7-8 години стојат во магацини, а компаниите кои ги увезуваат плаќаат кирија и осигурување за нив се до нивна инсталација. - Јас мислам дека тоа е недопустливо. Доаѓам од приватен сектор и знам колку е товарот на една компанија која има непредвидени средства кои треба да ги потроши поради недобра или несоодветна организираност на целиот ланец од момент на објавување на јавна набавка до инсталација и пуштање во употреба, рече Сали. Во врска со долговите и трошоците на болниците, министерот рече дека поразвиените држави можат да поднесат финансиски товар, ребаланс и други финансиски механизми за покривање на долгови, но ние како држава не би го можеле тоа во краток период. Посочи дека се работи на закрепнување на јавните здравтсвени установи, со ребаланс на буџетот од минатата година и ребаланс од оваа година за ублажување тој јавен долг.фф/

Остани поврзан