• недела, 22 декември 2024

Саливан: Бајден и Ердоган не се договорија за С-400

Саливан: Бајден и Ердоган не се договорија за С-400
Вашингтон, 17 јуни 2021 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден и турскиот лидер Реџеп Тајип Ердоган не успеаја да постигнат договор за време на билатералната средба во однос на руските противвоздушни ракетни системи С-400 кои ги купи Турција, на што се противи Вашингтон. - Што се однесува до С-400, тие (Бајден и Ердоган) разговараа за ова прашање, но не беше постигнат договор. Беше одлучено да се продолжи со дијалогот во оваа насока. Двата тима (на претседателите на двете земји) ќе работат на ова прашање по состанокот, соопшти денеска помошникот на американскиот претседател од сферата на националната безбедност Џејк Саливан на брифинг во Вашингтон. Противвоздушниот одбранбен систем С-400 „Триумф“ има голем и среден дострел.  Тој е досега најефикасен модел во низата одбранбени системи кои по Втората светска војна се развиени во Советскиот Сојуз и подоцна модернизирани во Русија. Бројот 400 се однесува на максимален дострел во километри. С-400 е развиен за соборување авиони, стратешки крстосувачки ракети, тактички балистички ракети, но и беспилотни летала на висина до 27 километри. САД сметаат дека системот С-400 не е компатибилен со одбранбената мрежа на НАТО и може да ги загрози ловците од типот Ф-35. Саливан додаде дека претседателите „детално разговарале“ за предлогот на Турција за обезбедување на меѓународниот аеродром во Кабул по повлекувањето на силите на НАТО од Авганистан. - Претседателот Бајден и претседателот Ердоган се согласија да соработуваат за да се постигне ова и да се овозможи безбедност. Ердоган посочи дека ќе му треба одредена поддршка. И претседателот Бајден вети дека оваа поддршка ќе биде обезбедена, потенцираше Саливан. ссм/

Остани поврзан