• среда, 25 декември 2024

Сакеларопулу: Не го менуваме ставот за независноста на Косово, ЛНГ терминалот во Александропулос битен за регионот

Сакеларопулу: Не го менуваме ставот за независноста на Косово, ЛНГ терминалот во Александропулос битен за регионот

Белград, 27 март 2023 (МИА) - Грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу, во пресрет на посетата на Белград изјави дека ставот на нејзината земја, која не ја призна независноста на Косово, останува ист, без тенденција за промена. Таа порача и дека ЛНГ терминалот во Александропулос, што ќе биде пуштен во употреба на крајот на годината, ќе им помогне на Србија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, па дури и на Украина, да ја намалат и да ја елиминираат зависноста од рускиот природен гас, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ставот на Грција, една од ретките членки на ЕУ што не ја призна еднострано прогласената независност на Косово, останува ист. Во исто време, Грција, покрај добро познатиот став за статусот на Косово и верна на нејзината политика на Западен Балкан, следи прагматичен и конструктивен пристап во однос на Косово, кој има за цел зајакнување на стабилноста и безбедноста, како и севкупен исчекор кон ЕУ интеграција на целиот регион, што и е наша стратешка цел, изјави Сакеларопулу.

Таа кажа дека „интеграцијата на регионот на Западен Балкан во ЕУ е корисна инвестиција од стратешка природа, како за земјите-членки на ЕУ, така и за партнерите од Западен Балкан“.

- Ова е ставот што Грција постојано го застапува и промовира со децении. ЕУ не е целосна без Западен Балкан, рече Сакеларопулу.

Претседателката на Грција го поздрави напредокот постигнат на двете средби меѓу Белград и Приштина во Брисел и Охрид со договорот и анексот за имплементација.

-Грција е подготвена да ги поддржи и Белград и Приштина на патот кон нормализација на нивните односи и да придонесе во меѓународните напори за подобрување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на луѓето во регионот, рече таа.

-Во таа насока, го поздравуваме напредокот постигнат на двете средби во Брисел и Охрид со постигнатиот договор меѓу двете страни, како и за анексот за имплементација. Грција е подготвена да ги поддржи и Белград и Приштина на патот кон нормализација на нивните односи и да придонесе во меѓународните напори за подобрување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на народите во регионот.

Во пресрет на дводневната посета на Белград, Сакеларопулу за весникот „Политика“ изјави и дека ЛНГ терминалот во Александропулос, кој ќе биде пуштен во употреба на крајот на годината, ќе им помогне на Србија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, па дури и на Украина да ја намалат и евентуално да ја елиминираат зависноста од рускиот природен гас, и дека ќе отвори нова порта на диверзификација за снабдување со природен гас за северните соседи на Грција, кои имаат мал или никаков пристап до алтернативни извори и рути за снабдување.

-Во комбинација со Трансјадранскиот гасовод, гасоводот Ист Мед и гасниот интерконектор Грција-Северна Македонија, постројката Александропулос ќе и помогне на Србија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, па дури и на Украина да ја намалат и на крајот да ја елиминираат нивната зависност од рускиот природен гас, рече претседателката на Грција. об/сд/

Остани поврзан