• среда, 25 декември 2024

Сакеларопулу и Штајнмаер го посетија местото каде што е во изградба Музејот на холокаустот во Солун

Сакеларопулу и Штајнмаер го посетија местото каде што е во изградба Музејот на холокаустот во Солун

Атина, 29 октомври 2024 (МИА) – Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и германскиот претседател Франк – Валтер Штајнмаер, кој од денеска е во официјална посета на Грција, во Солун го посетија местото каде што во тек е изградбата на Музејот на холокаустот и симболично засадија дрвца, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на Сакеларопулу соопштија дека двајцата претседатели беа пречекани од претседателот на Централниот еврејски совет на Грција и Еврејската заедница од Солун, Давид Салтиел, по што се сретнале и со две жени кои го преживеаа Холокаустот.

Штајнмаер денеска ја започна официјалната тридневна посета на Грција што е на покана на Сакеларопулу, а во текот на утрешниот ден ќе биде свечено примен од грчката претседателка во Претседателската палата во Атина, по што ќе следи средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Планирано е да присуствува и на настан по повод 150 години од германскиот Археолошки институт во Атина и да го посети и центарот за прием на бегалци и мигранти во близина на грчката метропола, додека во вечерните часови грчката претседателка ќе приреди свечена вечера во чест на Штајнмаер.

Тридневната посета на Грција германскиот претседател ќе ја заврши в четврток со посета на островот Крит и Меморијалниот музеј. ср/

Остани поврзан