• вторник, 12 ноември 2024

Саинц со своја верзија за инцидентот со Перез

Саинц со своја верзија за инцидентот со Перез

Баку, 15 септември 2024 (МИА) - Возачот на Ферари, Карлос Саинц, ја даде својата верзија за причината за судирот меѓу него и Серхио Перез на почетокот на претпоследниот круг од Големата награда на Азербејџан.

Двајцата се судрија додека се бореа за третото место во завршната фаза од трката. Репризите покажуваат дека и двајцата не ја смениле траекторијата од излезот од свиокот бр. 2 до моментот на контакт, туку едноставно преминале, што довело до инцидентот каде што удрија во ѕидот и двајцата отпаднаа од трката.

Овој инцидент допрва треба да го разгледаат стјуардите, но пред тоа да се случи, Саинц зборуваше пред медиумите и откри што ќе им каже на стјуардите во своја одбрана.

-Ќе им кажам дека ја поминав мојата вообичаена траекторија, која ја користев во секој круг на оваа патека. По вториот свиок, секогаш се движиме благо налево без да правиме чудни и ненадејни маневри. Шарл, кој беше пред мене, исто така се пресели лево. Само го следев него и струењето на воздухот. Чеко (Перез) реши да не ми остави простор. Удрив во бетонскиот ѕид под прав агол. Ги стигнував Чеко и Шарл, подобро ги чував гумите. Го претекнав Чеко додека се бореше со Шарл и потоа ја зедов мојата вообичаена траекторија на излезот од вториот свиок, објасни Шпанецот.

Саинц додаде дека не направил ништо чудно или неочекувано и дека пилотот на Ред Бул имал доволно простор. 

-Но, претпоставувам дека понекогаш е така во трките - возиш 48 круга без ништо да се случи, а потоа два круга пред финишот се случува вакво нешто, додаде Саинц. дс

Фото: Принтскрин

Остани поврзан