• недела, 29 декември 2024

Саем на производи на жените производителки и земјоделки од Прилепскиот регион

Саем на производи на жените производителки и земјоделки од Прилепскиот регион
Прилеп, 15 октомври 2022 (МИА) - Со саем на производи во центарот на Прилеп кај Градскиот саат, жените земјоделки и производителки од Прилепскиот регион го одбележаа денешниот меѓународен ден на руралната жена. Организатор на саемот е здружението „Лаг Агро Лидер“ кое ја испраќа пораката за достоинствен и исплатлив труд на жените од руралните средини. Марина Тошеска од Здружението вели дека сакаат да докажат дека руралните жени се чувари на традицијата, но потребни се интервентни мерки, финансиски и советодавни. - Го одбележуваме Меѓународниот ден на руралната жена, 15 октомври со саем на земјоделски производи од дигиталната платформа „домашно.мк“ за продажба и промоција на секакви производи на жената од руралните средини од Пелагонискиот регион. Со изложувањето на своите производи докажуваат дека се чувари на традицијата и вредни производители. Во иднина да ја зголемиме поддршката на жените од руралните средини, жените-земјоделки да се поттикнуваат да произведуваат, но и да се вреднува нивниот труд. Се надеваме дека навистина ќе се афирмира улогата што ја имаат жените во земјоделскиот сектор. Потребни се интервентни мерки и обезбедување финансиска и советодавна поддршка за осовременување на земјоделското производство и да имаме одржливи семејни земјоделски бизниси, изјави Тошеска. Елизабета Божиноска од здружение „Крушевска жена“ и Павлина Јованоска, производителка од Прилеп сметаат дека најголем проблем им е пласманот. - Произведуваме сѐ од природата, во здружението сме осум жени кои вредно работиме, но ни треба од државата поддршка да може производите да ги пласираме во трговската мрежа, вели Божиноска од здружението „Крушевска жена“. - Голем проблем е пласманот. Ќе произведеме, јас се согласувам да работам и поевтино да го продадам, но не може да обезбедиме и пласман. Имам четири тона јаболка, не можам да ги пласирам, исто и 500 килограми дуњи. Тешко е, вели Павлина Јованоска. Гордана Цветаноска, производителка на зеленчукови и овошни производи од Мало Коњари, Прилепско, смета дека се потребни конкретни мерки за развивање и поддршка на семејните бизниси. - Жените имаат бројни вештини и потенцијал за развој на семејните бизниси кои од мали може да прераснат во големи. Неопходни се конкретни, специфични мерки за поддршка, смета Цветаноска. Има интерес кај младите девојки, посебно од руралните средини да ги остручат вештините, нагласуваат професорите од прилепското средно училиште „Орде Чопела“ кое развива стопанство и има производство. Анита Галеска, професор-технолог во училиштето вели дека прекупотребно е вложувањето во стручното образование. - Ни доаѓаат млади девојки кои веќе се запознати со работата, со производството, зашто работеле на семејните ниви, обработувале. Ние ги остручуваме, со современи средства ги учиме за да може да го почнат патот на семејниот бизнис и профитабилна работа. Потребно е вложување во стручното образование, ни изјави Галеска. Деновиве, преку мрежата на заштита од дискриминација се побараа измени во Законот за здравствено осигурување и права за породилно отсуство за руралните жени за да ги имаат истите права како другите работнички. ем/мс/  

Остани поврзан