• четврток, 26 декември 2024

САД: Шест лица загинаа, над 20 се повредени во силно невреме во Тенеси

САД: Шест лица загинаа, над 20 се повредени во силно невреме во Тенеси

Нешвил, 10 декември 2023 (МИА) - Во силното невреме што вчера ја зафати јужната американска држава Тенеси, шест лица загинаа, а повеќе од 20 повредени се префрлени во болници, а во многу градови оштетени се домови и деловни простории.

Три лица, меѓу кои и едно дете, загинаа кога торнадо го погоди округот Монтгомери северно од Нешвил во близина на границата со Кентаки, соопштија локалните власти.

Засега не се познати деталите за другите три загинати лица.

Оперативниот центар за вонредни состојби во Нешвил преку социјалните мрежи објави дека три лица загинале во силното невреме во населба во близина на центарот на градот, а дека 23 други биле примени во болниците во округот Монтгомери со повреди.

Снимките објавени од пожарникарската служба во Кларксвил на социјалните мрежи покажуваат оштетени домови и остатоци расфрлани низ дворовите, превртена тракторска приколка на автопатот и оштетувања на ѕидовите на зградите.

„Ова се ужасни вести... Градот стои со семејствата кои ги загубија своите најблиски, ние сме тука да им помогнеме“, рече градоначалникот на Кларксвил Џо Питс во изјавата.

Канцеларијата на шерифот на округот Монтгомери соопшти дека торнадото ја погодило областа вчера околу 14:00 часот по локално време. Засолниште за луѓе чии домови се оштетени е отворено во локално училиште.

Градоначалникот Питс рече дека е направена голема штета и ги повика локалните жители да останат во своите домови доколку можат, а оние на кои им треба помош да се јават и веднаш ќе им биде испратена.

Националната метеоролошка служба издаде повеќекратни предупредувања за торнадо во Тенеси и соопшти дека планира да ја надгледува областа во Кентаки каде што изгледа дека удрило торнадото.

Повеќе од 80.000 домаќинства синоќа останаа без струја во Тенеси. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан