САД сериозно загрижени по наводите дека постои руско-кинеска тајна програма за производство на воени дронови
Вашингтон, 25 септември 2024 (МИА) Од Белата куќа изразија сериозна загриженост по наводите во некои медиуми дека Русија работи на таен проект за производство на ударни беспилотни летала во Кина. Се дознава дека станува збор за пример каде една кинеска компанија помага на руска компанија која е под американски санкции.
Според извори во Белата куќа, САД засега немаат докази дека кинеската влада знае за оваа зделка или дека учествува во пружање помош на Москва за вакви деструктивни оружја, прецизира претставникот на Советот за национална безбедност.
-Сепак, владата на НР Кина... е одговорна да осигури дека нејзините компании не обезбедуваат ваква смртоносна помош, додаде тој.
Според два извора од европските разузнавачки служби од документи споделени во некои американски медиуми, Русија создала програма во Кина за развој и производство на ударни беспилотни летала со долг дострел на дејство, за да ги користи во војната против Украина.
-САД се подготвени веднаш да преземат мерки против наведените кинески компании, како и да утврдат кои банки помогнале во спроведувањето на трансакциите со руската организација која е под санкции, изјави претставникот.
Станува збори за модернизирани верзии на беспилотникот „Харпија А1“ што се прави во Ижевски електромеханички завод „Купола“. При тоа, како што се дознава од извештаите, се употребуваат кинески мотори и делови. кб/