• четврток, 26 декември 2024

САД разгледуваат заострување на санкциите за нафта кон Венецуела

САД разгледуваат заострување на санкциите за нафта кон Венецуела
Вашингтон, 31 август 2020 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп размислува за заострување на санкциите за нафта кон Венецуела. Специјалниот пратеник на САД во Венецуела, Елиот Абрамс, изјави САД размислуваат за укинување на исклучоците што им овозможуваат на некои нафтени компании да ја заменат венецуелската сурова нафта за гориво од членките на ОПЕК. Американскиот претседател Доналд Трамп ги заостри санкциите за државната компанија PDVSA во Венецуела, нејзините клучни странски партнери и клиенти, откако за првпат ги воведе овие мерки на почетокот на 2019 година. Трамп ги заостри санкциите кон Венецуела во обид да го симне од власта претседателот Николас Мадуро, кого повеќето западни земји не го признаваат како легитимен лидер на Венецуела. Во телефонско интервју за Ројтерс, Абрамс рече дека САД веруваат дека нивните санкции биле исклучително ефикасни во намалувањето на приходите за режимот во оваа земја. Покрај тоа, САД сметаат дека санкциите можат да бидат уште поефикасни, поради што ќе преземат одредени чекори за нивно заострување во иднина. Санкциите веќе ја уништија PDVSA и повеќето нејзини редовни клиенти, но не успеаја да ја ослабнат моќта на Николас Мадуро, што го предизвика незадоволството на американскиот претседател Трамп. Како што се приближуваат претседателските избори во САД, Вашингтон се подготвува да го зајакне својот став кон Венецуела, особено во однос на санкциите за нафтената и  индустријата на злато. сд/

Остани поврзан