• недела, 24 ноември 2024

САД: Ноќта на вештерките во услови на пандемија на Ковид-19

САД: Ноќта на вештерките во услови на пандемија на Ковид-19
Вашингтон, 30 октомври 2020 (МИА) - Како и претходните години, Американците планираат утре вечер да ја прослават Ноќта на вештерките, и покрај пандемијата на новиот коронавирус. Според американската Национална федерација за малопродажба (НФМ), повеќе од 148 милиони возрасни Американци планираат да учествуваат во активностите кои се поврзуваат со овој празник. Вкупно 53 отсто од Американците планираат да ги украсат своите домови, 46 проценти да декорираат тиква, а 18 отсто ќе го маскираат своето домашно милениче. - Потрошувачите и понатаму им даваат значење на прославите на нашите традиционални празници, дури и според нетрадиционални стандарди. Трговците се подготвени да одговорат на зголемената побарувачка за сезонско декорирање, костими и останати предмети, истакна претседателот и генерален директор на НФМ, Метју Шеј. Над три четвртини од луѓето велат дека коронавирусот влијае врз нивните планови за Ноќта на вештерките. Организирањето забави, познатото барање и делење слатки од врата на врата и посетите на проколнатите куќи, нема да се случат главно поради фактот што некои активности не можат да се придржуваат на мерката за физичко дистанцирање. Интересно е што 17 отсто од Американците планираат да го прослават празникот виртуелно, наведува НФМ. Се очекува оваа година потрошувачката за Ноќта на вештерките да достигне 8,05 милијарди долари, што е помалку од минатата година кога изнесуваше 8,78 милијарди. Иако е прогнозиран пад на вкупно ниво, сепак индивидуалната потрошувачка ќе се зголеми. Во 2019 година оние кои се подготвувале за Ноќта на вештерките во просек трошеле по 86,27 долари, но се предвидува оваа година просечната потрошувачка по лице да изнесува 92,12 долари. Тоа е највисока сума откако НФМ ги бележи трендовите на пазарот на тоа поле. Потрошувачите и понатаму прават се што е во нивна моќ за да го одбележат овој ден, трошејќи малку повеќе за домашна декорација, слатки и честитки. Пандемијата на Ковид-19 се одрази и врз начинот на пазарање, односно 30 отсто од луѓето планираат нарачките за Ноќта на вештерките да ги извршат онлајн, додека минатата година тоа го направиле 25 отсто од нив. гт/

Остани поврзан