• вторник, 24 декември 2024

САД можат да воведат санкции против 60 службеници од Венецуела поради фалсификување на изборите

САД можат да воведат санкции против 60 службеници од Венецуела поради фалсификување на изборите

Вашингтон, 22 август 2024 (МИА) - САД имаат список од околу 60 венецуелски владини службеници и членови на нивните семејства, против кои може да бидат воведени санкции по спорните претседателски избори во Венецуела што се одржаа во јули.

Според нив, во предложениот список се вклучени претставници на Националниот изборен совет на Венецуела, Врховниот суд и контраразузнавачката полиција, кои биле вмешани во политичкиот хаос.

Американското Министерство за финансии деновиве го претстави нацрт-списокот на санкции во Стејт департментот. Се истакнува дека бројот на лица против кои ќе бидат воведени санкции може да се промени.

Санкциите предвидуваат забрана за влез во САД за лицата од списокот и членовите на нивните семејства. Покрај тоа, на американските физички и правни лица ќе им биде забрането да водат бизнис со нив.

Националниот изборен совет го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро за победник на изборите на 28 јули, без да ги објави целосните резултати од гласањето. Врховниот суд на Венецуела во август започна проверка на резултатите, но експертите и набљудувачите сметаат дека судот најверојатно нема да се спротивстави на владата.

САД и други земји ја оспорија победата на Мадуро на изборите. Неговиот противник Едмундо Гонзалес исто така прогласи победа. Резултатите од пребројувањето на повеќе од 80 отсто од гласачките ливчиња објавени од опозицијата покажуваат дека тој остварил убедлива победа со околу 67 отсто поддршка.

На почетокот на август, САД го признаа Гонзалес за победник на изборите. Сепак, во своето соопштение Вашингтон се ограничи на испраќање честитки до Гонзалес за „успешната кампања“, воздржувајќи се да го призна како нов лидер. кб/

Остани поврзан