САД и Јужна Кореја посветени на дипломатски методи за денуклеаризација на Корејскиот полуостров
- Соединетите Американски Држави и Република Кореја се посветени на дипломатските методи за постигнување денуклеаризација на Корејскиот полуостров, како и за нормализирање на односите меѓу Ваши

Вашингтон, 29 септември 2020 (МИА) - Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја се посветени на дипломатските методи за постигнување денуклеаризација на Корејскиот полуостров, како и за нормализирање на односите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг, јави ТАСС, повикувајќи се на изјава на заменик државниот секретар на САД, Стивен Биган.
- САД и Република Кореја остануваат целосно посветени на дипломатијата како начин да се постигне траен мир на Корејскиот полуостров, да се постигне денуклеаризација, да се обезбеди светла иднина за целиот корејски народ и да се нормализираат односите меѓу САД и НДРК, рече Биган на прес-конференција, што се одржа по неговата средба со специјалниот претставник на Министерството за надворешни работи на Република Кореја за мир и безбедност на Корејскиот полуостров, Ли До Хун.
Во исто време, американскиот дипломат истакна дека напорите на САД и Јужна Кореја се недоволни за нормализирање на состојбата на полуостровот.
- Потребно ни е учество на НДРК и сè уште сме отворени да разговараме со нив кога ќе бидат подготвени, додаде Биган.
Од своја страна, Ли До Хун ги опиша разговорите во Вашингтон како „многу продуктивни“.
- Разговаравме за различни начини да ги решиме нашите заеднички задачи за денуклеаризација на полуостровот и воспоставување мирен режим, рече тој.
Корејската војна, во која учествуваа двете корејски држави, САД и Кина, траеше од јуни 1950 до јули 1953 година. Вкупниот број смртни случаи и ранеи (и воени и цивилни) се приближи на 5,5 милиони и според тоа воениот конфликт останува најголем во однос на жртвите од Втората светска војна. Формално, НДРК и Република Кореја сè уште војуваат, бидејќи не е потпишан мировен договор меѓу нив. Се прават обиди за склучување од Женевската конференција во 1954 година. паг/