• четврток, 26 декември 2024

САД и Филипините потпишаа пакт за нуклеарна соработка

САД и Филипините потпишаа пакт за нуклеарна соработка

Манила, 17 ноември 2023 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос потпишаа договор за нуклеарна соработка на маргините на самитот за Азиско-пацифичка економска соработка во Сан Франциско, според кој Америка ќе инвестира во нови технологии кои ќе и помогнат на земјата да премине кон почиста енергија и да го зајакне своето снабдување со електрична енергија.

Филипинскиот претседател рече дека договорот, познат како „Член 123“, ќе го поттикне развојот на сигурна, достапна и одржлива енергија на Филипините.

„Договорот исто така ќе ја отвори вратата за американските компании да инвестираат и да учествуваат во проекти за нуклеарна енергија“, додаде Маркос.

Блинкен изјави дека преговорите со Филипините биле завршени многу брзо, во рок од една година, истакнувајќи дека Филипините поставиле амбициозна цел да ги намалат емисиите на стакленички гасови за 75 отсто до 2030 година.

„И со оглед на тоа што побарувачката за енергија на Филипините се очекува да се зголеми речиси четирикратно до 2040 година, нуклеарната енергија ќе им помогне да ги задоволат нивните потреби на одржлив начин“, рече Блинкен.

Филипините почнаа да ја градат својата прва нуклеарна централа уште во 70-те години, но таа никогаш не беше завршена откако беа покренати прашања за нејзината цена и безбедност поради близината до место што ја става во опасност од земјотреси и вулканот Пинатубо.

САД досега го склучија договорот „Член 123“ со 47 земји, Меѓународната агенција за атомска енергија и Тајван. паг/

Фото: Скриншот

 

 

Остани поврзан