• вторник, 24 декември 2024

САД: Значителен напредок во преговорите со Иран

САД: Значителен напредок во преговорите со Иран
Вашингтон, 3 март 2022 (МИА) - Постигнат е значителен напредок во преговорите со Техеран и светските сили можеби се блиску до постигнување ирански нуклеарен договор, но многу прашања остануваат нерешени, соопшти денеска американскиот Стејт департмент. - Нема да има договор ако овие прашања не се решат наскоро, изјави пред новинарите портпаролката на Стејт департментот, Џалина Портер. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Катибзаде, кон крајот на февруари изјави дека преговорите во Виена за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили постигнале „значаен напредок“. На неделната прес-конференција по повод разговорите за заживување на нуклеарниот договор во Виена, Катибзаде рече и дека „ништо не е договорено додека не се договори се“. Организацијата за атомска енергија на Обединетите нации денеска соопшти дека Иран дополнително ги зголемил залихите на високо збогатен ураниум што го прекршил договорот со светските сили од 2015 година. Во доверливиот квартален извештај доставен до земјите-членки, до кои некои западни медиуми имале пристап, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) наведува дека Иран, според проценките, има залихи од 33,2 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е повеќе од 15,5 килограми во однос на ноември. МААЕ претходно денеска соопшти дека генералниот директор Рафаел Гроси в сабота ќе отпатува во Техеран на средби со високи ирански претставници. Светските сили и Иран сè уште работат на оживување на договорот од 2015 година со неколку прашања кои се уште не се решени, изјави денеска неименуван ирански функционер, предупредувајќи дека договорот е сè уште неизвесен. - Сите страни вклучени во преговорите напорно работат на решавање на две или три преостанати чувствителни прашања. Посетата на генералниот директор на МААЕ на Техеран е многу важна бидејќи тука постигнавме договор, но сè е многу неизвесно, нагласи иранскиот претставник. Во 2015 година, Иран потпиша оригинален договор со светските сили САД, Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, со кој Техеран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на економските санкции. гт/

Остани поврзан