• вторник, 19 ноември 2024

САД: Зголемен бројот на жртви од контаминирани капки за очи

САД: Зголемен бројот на жртви од контаминирани капки за очи

Вашингтон, 24 март 2023 (МИА) - Бројот на смртни случаи поради употреба на контаминирани капки за очи во САД се зголеми од едно на три лица, покажуваат новите информации на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), јави Еј-Би-Си Њуз.

Најмалку осум лица ослепеа, а на четворица мораше хируршки да им се отстранат очните јаболка. ЦДЦ известува дека капките биле контаминирани со агресивен вид на бактерија отпорна на повеќето антибиотици наречена pseudomonas aeruginosa.

ЦДЦ не објави кои се пациентите, ниту нивната возраст и пол.

Повлечени се повеќе од 10 различни марки вештачки солзи. Повеќето случаи се поврзани со капките за очи EzriCare и Delsam Pharma, произведени од индиската Global Pharma Healthcare.

Pseudomonas е вид на бактерија која се наоѓа во околината. Инфекцијата се шири поради лоша хигиена како што се нечисти раце или преку медицински инструменти и опрема кои не се соодветно исчистени и дезинфицирани.

Бактеријата е отпорна на повеќе видови антибиотици и предизвикала околу 32.600 инфекции меѓу хоспитализираните пациенти во САД и околу 2.700 смртни случаи, според ЦДЦ.

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) минатиот месец издаде предупредување до здравствените работници и јавноста да не купуваат вештачки солзи EzriCare или Delsam Pharma поради потенцијална бактериска контаминација.

По предупредувањето, Global Pharma Healthcare доброволно ги повлече двата производи, известувајќи ги дистрибутерите. Тие ги советуваа сите да престанат да го користат производот. Не долго потоа, ФДА, исто така, препорача Global Pharma да ја повлече вештачката маст за очи на Delsam Pharma, на што компанијата се согласи. Засега нема извештаи за инфекции поврзани со овој производ.

ЦДЦ ги предупреди сите со симптоми на инфекција на очите кои користеле капки за очи EzriCare или Delsam Pharma веднаш да побараат медицинска помош.

Симптомите вклучуваат жолт, зелен или јасен исцедок од окото, болка или непријатност во очите, црвени очи или црвени очни капаци, чудна сензација во окото, зголемена чувствителност на светлина и заматен вид.

„Продолжуваме да ги следиме случаите и собираме дополнителни информации за клиничкиот тек и исходот на пациентите. Ги ажурираме случаите штом ги пријават државните здравствени оддели“, изјавија од ЦДЦ за Еј-Би-Си Њуз. ссм/

Остани поврзан