• среда, 18 декември 2024

САД го предупредија Израел дека воена операција во Рафа може да биде катастрофална

САД го предупредија Израел дека воена операција во Рафа може да биде катастрофална

Вашингтон, 8 февруари 2024 (МИА) – САД вечерва го предупредија Израел дека копнена офанзива во градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, без соодветно планирање, ризикува да се претвори во „катастрофа“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа изјави дека им наредил на војниците „да се подготват да дејствуваат“ во Рафа и оти воздушните напади веќе се интензивирани, пренесува Бета.

Заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател рече дека Вашингтон „допрва треба да види докази за сериозно планирање за таква операција“.

- Да се спроведе таква операција сега, без планирање и премалку размислување, во област каде што се засолниле милион луѓе би било катастрофа, рече портпаролот.

Египетските власти, исто така, предупредија на опасноста од операцијата во Рафа, на нивната граница, и се особено загрижени дека голем број жители на Газа може да бидат раселени во нивната земја.

- Нема сомнеж дека таргетирањето на оваа област на Појасот, која е полна со цивили, е опасно, изјави портпаролот на египетското Министерство за надворешни работи Ахмед Абу Зеид.

Израелскиот премиер рече дека фокусот на копнената офанзива на Израел наскоро ќе се префрли на Рафа.

- Нашите војници сега се во Кан Јунис, главното упориште на Хамас. Тие наскоро ќе одат во Рафа, последниот бастион на Хамас, рече вчера Нетанјаху. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан