• четврток, 26 декември 2024

САД ги поддржуваат напорите на СПАК против корупцијата на високо ниво

САД ги поддржуваат напорите на СПАК против корупцијата на високо ниво

Тирана, 23 октомври 2024 (МИА) - САД ги поддржуваат напорите на албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, против корупцијата на високо ниво, стои во одговорот на американскиот Стејт департмент на барањето на Гласот на Америка да коментира по апсењето на поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета.

- Запознати сме со апсењето. Ве упатуваме до албанските власти за повеќе детали во врска со случајот. Соединетите Американски Држави го поддржуваат напредокот на Албанија кон владеење на правото, вклучително и напорите на СПАК да ја гони корупцијата на високо ниво и организираниот криминал, во согласност со законот, одговори портпаролот на Стејт департментот на барањето на Гласот на Америка.

Борбата против корупцијата, организираниот криминал, нелегалната трговија и тероризмот биле во фокусот на денешната средба на генералниот директор на албанската државна полиција, Илир Прода, со шефот на Регионалната канцеларија за безбедност при американската амбасада во Тирана, Џонатан Елис.

  • - Прода и Елис високо ја оценија досегашната соработка и ја потврдија подготвеноста за нејзино продлабочување. Елис му честиташе на директорот Прода за тешката задача што ја презеде и го увери за американската поддршка за државната полиција и одличната и посебна соработка на Државната полиција со Регионалната служба за безбедност, се наведува во соопштението на државната полиција.

Се додава дека Прода го уверил дека е решен да соработува и да работи заедно со американските агенции за спроведување на законот, покажувајќи професионализам и доверливост при заедничките истраги и операции во борбата против корупција, организиран криминал, нелегалната трговија и тероризам. вт/паг/

Фото: Државна полиција 
 
 
 

Остани поврзан