• петок, 27 декември 2024

САД во блокада и исчекување на „ударот“ на новиот коронавирус

САД во блокада и исчекување на „ударот“ на новиот коронавирус
Вашингтон, 15 март 2020 (МИА) - Окрузите ги затвораат локалните настани и училишта на неодредено време, се откажуваат изборите, службите во црквите, фестивали и парадите по градските улици и плоштади и паркови, компаниите не работат, државите се спремат за општ карантин – присуството на вирусот се чувствува насекаде, на локално, регионално и глобално ниво. Во САД, локалните заедници како оние во Сиетл или Сан Франциско ги подготвуваат болниците за огромен број пациенти, додека главниот инфектолог во земјата, докторот Ентони Фаучи, не исклучува можност и од сеопшт карантин – затворање на сите барови и ресторани во земјата, за ефективно да се спречи ширењето на вирусот. Исчекувањета се слични на оние од неминовен удар од торнадо или ураган, кои не се знае каде и кога ќе удрат. Луѓето ги празнат полиците во супермаркетите, се купуваат резерви на конзервирана храна и вода за пиење, хигиенски средства и лекарства, во земјата сега има недостиг од пакувана вода и тоалетна хартија. Американците се спремаат за најлошото. Насловните страници на сите локални и главни американски весници денеска осамнаа со предупредувачки пораки за „Вирусен удар“, „Затворени“, „Блокада“, (Бостон глоуб), „Епидемијата го менува од корен животот во САД“ (Вашингтон пост)“ „Хаос на американските аеродроми“ (Њујорк тајмс“). Хаосот во аеродромите е поради тоа што сите пристигнати патници мораат да бидат скенирани од симптоми за вирус, па се чека со часови. Си Ен Ен пишува дека поради ова, аеродромите можат да станат нови жаришта на болеста. Во земјата досега се забележани 2.885 случаи на вирус, но никој не ја знае реалната бројка, има многу нетестирани, но и многу од тестовите се неуспешни. Додека 60 лица досега се починати. Според анализа на резултатите од ширењето на болеста собрани од медицинскиот инстут на Џон Хопкинс, направена од Фајненшл тајмс, бројот на инфицирани се зголемува за критични 33 отсто дневно. Тоа е просечната стапка на раст на инфекции во Италија, Јужна Кореја и Иран. Претседателот Доналд Трамп денешниот ден, недела, го прогласи за „ден за молитва за сите настрадани од коронавирусот“, во САД. Недела е ден кога милиони Американци одат во црква, но денеска црквите се празни, а мисите и молитвите се оддржуаат оддалечено, онлајн или на телевизија. Истото важи и за џамиите, синагогите и другите места за молитва. Демократските избoри за номинација на претседлски кандидат во Џорџија се поместени од 24 март на 19 мај. Истото важи и за спортот, главната забава за милиони Американци. Пролетната сезона е откажана, за сите можни спортови и натпреварувачки лиги; стадионите и спортските арени се празни. Го нема „мартовското лудило“, препознатлив термин за популарната кошаркарска колеџ лига, нема НБА, нема фудбал, ниту пак бејзбол, голф, тенис или пролетните коњички трки. Колку е сериозна ситуацијата во САД се покажа и од денешната најава на Волмарт, најпознатиот супермаркет во земјата, дека го скратува работното време на неколку часа „за да ги пополни испразнетите полици и дезинфицира продавниците“. Истото го прават и други познати супермаркети, додека повеќе ритејл трговци најавија привремено затворање. Властите и експертите повикуваат на „социјално дистанцирање“, односно доброволно да се остане дома, без непотребни контакти со блиските и пријателите, или без контакти на децата на детски игралишта или други средби -Не бараме од луѓето да бидат хермити, да останат дома, да се заклучат. Но бараме да правиме се што е во наша можност да спречиме ширење на болеста меѓу нас, изјави докотор Вилијам Шефнер, од Клиника за инфективни заболувања Вандербилт. -Постојат докази дека на пластични и метални површини коронавирусот може да живее и до девет денови, изјави друг експерт во однос на тоа дека родителите треба да ги одвратат најмалите од дружење со други деца на отворено, на игралишта со лулки, без да вродат чувство на страв кај нив. Според некои американски експерти, децата имаат добар имунитет и не страдаат од вирусот, и затоа се „одлични преносители“. Нив посебно им се препорачува социјално дистанцирање, сите, доколку, како децата така и возрасните, треба да држат физичко растојание од најмалку шест стапки (два метри). Според анкета објавена синоќа, загриженоста од ширењето на коранавирусот кај американското население е голема. Педесет и три отсто од испитаните избирачи се загрижени дека тие или нивните блиски можат да фатат вирус. Шест од десет Американци (60 отсто) пак сметаат дека на повидок е епидемија. Од оние што се вратени, 27 отсто укажале дека нивното работно место е затворено или дека очекуваат да се затвори поради вирусот. кб/

Остани поврзан