• среда, 25 декември 2024

САД/Избори: Над 150 мерки и прописи пред американските гласачи – од економија преку абортус и марихуана до екологија

САД/Избори: Над 150 мерки и прописи пред американските гласачи – од економија преку абортус и марихуана до екологија

Вашингтон, 5 ноември 2024 (МИА) - Покрај претседателските избори и изборите за Сенатот и Претставничкиот дом, американските гласачите денеска во 41 сојузна држава на САД одлучуваат за над 150 мерки и прописи кои покриваат широк спектар на теми – од абортус, начинот на одржување на избори, преку кој добива платено отсуство до забрана на лов на трофејни животни и намалување на кражбите во малопродажбата.

Најмногу внимание привлекуваат референдумите за абортус.

Повеќе од две години откако Врховниот суд на САД го укина законот Роу против Вејд и стави крај на федералното уставно право на абортус, гласачите во 10 сојузни држави одлучуваат дали да ги зацврстат репродуктивните права во нивните државни устави.

Тоа оди чекор подалеку за жителите во Аризона, Флорида, Мисури, Небраска и Јужна Дакота: гласајќи во корист на репродуктивните права, тие би гласале за да ја поништат актуелната забрана на абортусот или рестриктивните политики на нивната држава.

И во Небраска, гласачите исто така размислуваат за мерката што би го направила спротивното - ќе ја зацврсти сегашната забрана за абортус во уставот на државата.

Некои од најжестоките битки годинава се однесуваат на прашањата кој може да гласа и како. Предлози за рангирано гласање, прераспределба на изборните единици и други изборни прашања се појавија во повеќе држави. Рангираното гласање – каде што гласачите ги рангираат своите кандидати, а гласовите на најслабите кандидати се прераспределуваат додека еден кандидат не достигне мнозинство – се смета како начин да се намали поларизацијата и да се промовираат умерени кандидати. Сепак, овој систем на гласање се соочува со предизвици во транспарентноста. 

Друго честопати разгледувано прашање е гласачкото право за недржавјани. Осум држави – Ајдахо, Ајова, Кентаки, Мисури, Северна Каролина, Оклахома, Јужна Каролина и Висконсин – ќе гласаат за уставни амандмани кои експлицитно забрануваат на недржавјани да гласаат на федерални избори. Федералниот закон веќе ја забранува оваа практика, но неколку градови во земјата им дозволуваат на недржавјани да гласаат на некои локални избори.

Гласачите на Флорида ќе одлучуваат дали училишните одбори треба да бидат партиски.

Во година кога гласачите од двете партии ја наведуваат инфлацијата и високите цени како главна грижа, граѓаните во неколку држави ќе разгледуваат мерки за минимална плата и платено отсуство. На Алјаска и во Мисури ќе се гласа за предлог за постепено зголемување на минималната плата на 15 долари по час и барања компаниите да обезбедуваат платено отсуство, додека во Калифорнија ќе се гласа за зголемување на минималната плата на 18 долари.

Аризона и Масачусетс ќе гласаат за предлози што се однесуваат на минималната плата за работници кои добиваат бакшиш, која моментално изнесува од 7 до 11 долари.

Пет држави – Арканзас, Флорида, Небраска, Северна Дакота и Јужна Дакота – ќе гласаат дали да легализираат марихуана или да ги олабават ограничувањата за неа.

Во Масачусетс, психоделичните супстанци се на гласачкото ливче: Државното прашање 4 би овозможило лична употреба на одредени количини психоделични супстанци и би создало комисија за нивно оданочување и регулирање.

Речиси деценија по одлуката на Врховниот суд за истополовите бракови, три држави – Калифорнија, Колорадо и Хаваи – ќе гласаат дали да го отстранат „неактивниот јазик“ од своите устави, кој го ограничува бракот само на маж и жена.

Другите мерки за кои денеска гласаат дел од Американците опфаќаат прашања од криминал и имиграција до лов и финансирање на приватни училишта. Во Калифорнија, каде последниве години вниманието го привлекуваат кражбите во малопродажба и зависноста од дроги, ќе се гласа за предлог за заострување на казните за некои видови кражби и кривични дела поврзани со дроги.

Во Аризона ќе се гласа за предлогот што ќе го прогласи за „незаконско“ влегувањето во државата од странство освен на официјален граничен премин, со цел да се спречат нелегалните премини од Мексико.

Гласачите во Колорадо одлучуваат дали да го забранат трофејниот лов на планински лавови и рисови. Ако го направат тоа, Колорадо ќе стане втора држава што ја забранила оваа практика. Гласачите во Калифорнија во 1990 година одобрија мерка за забрана на убивање на планински лавови за спорт.

Ќе се гласа и за приватни училишта. Активистите за зачувување на јавните училишта од Небраска предложија мерка за укинување на законот што дозволува средствата од даночните обврзници да се користат за образование во приватни училишта. ссм/

фото: архива

Остани поврзан