• сабота, 28 декември 2024

Димкоски за МИА: Секој и сечиј оџак треба правилно да чади

Димкоски за МИА: Секој и сечиј оџак треба правилно да чади

Битола, 30 септември 2023 (МИА) - Секој и сечиј оџак треба правилно да чади. Исправноста на оџаците да се довери на стручни лица и да не се прават експерименти во домашни услови или да се ангажираат лица кои не ја разбираат оваа проблематика, вели во интервју за МИА, Горан Димкоски, командир на Територијалната против пожарна единица – Битола.

Во периодот јануари-септември битолските пожарникари интервенирале 450 пати, а тоа процентуално изразено значи дека скоро секој ден во Пелагонискиот Регион имало по два пожара кои ефикасно се изгаснати. Но, за жал, вели Димкоски, дури во 95 насто од случаите за предизвикан пожар, причина е човечкиот фактор.

- Мора да се подигнува свесноста за чисти оџаци и да не се предизвикуваат шумски пожари, а ние освен со брзи интервенции ќе продолжиме и со обуки, тренинзи и учества во меѓународни проекти кои овозможуваат поддршка на пожарникарството како професија, вели Димкоски во интервју за МИА. 

Колку интервенции и каков вид најчести пожари регистриравте во периодот јануари-септември 2023 година?

-Територијалната против пожарна единица-Битола во периодот јануари-септември интервенираше на 450 пријавени пожари. Во последните месеци најчести се пожарите на отворен простор, односно шумски пожари и пожари на објекти, но се почесто имаме технички интервенции при сообраќајни незгоди, потоа отворање на врати во објекти каде се претпоставува дека има починати лица и други интервенции. Најчеста причина за пожарите, во 95 насто случаеви е човечки фактор, а потоа се останатите природни појави, удар од гром, откинати кабли од електрична енергија и далноводи и сл.

Што е важно за безбедно функционирање на оџаците и какви заштитни мерки предлагате на домаќинствата и институциите за оџаците?

- Доаѓа есен, па зима, и многу домаќинства и институции кога ги загреваат просториите користат оџак. За безбедно функционирање на оџаците задолжително е чистење и контрола на исправноста на самата градба на димоводниот уред-оџак како и заштитата меѓу оџакот и кровната конструкција, која што на некој начин ја игра главната улога во заштитата на самиот објект во случај на самозапалување на оџакот. За да се намали можноста за настанување пожар, потребно е оџаците редовно да се чистат, но и нивните филтри кои треба да ги има. Одржувањето на оџаците се врши со преглед на оџаците кој е во надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување, важно е оџаците да се чистат, да се палат саѓите во оџаците, но и да се преземат превентивни мерки за обезбедување на оџаците од пожар и нивно оспособување за нормално функционирање. Сакам да предочам дека пред пуштање во употреба, оџаците треба да имаат потврда, атест за исправност. Чистењето на оџаците кај јавните објекти се врши еднаш месечно во сезона на греење и еднаш надвор од сезоната на греење, и тоа го прават стручни лица и лиценцирани фирми. Треба да се знае дека за оџаците има јасни законски одредби и правилници. Таков е Правилникот за одржување на оџаци во исправна состојба, димоводни уреди, системите за воздух, системите за воздушно и водено греење, огништа-котли за парно греење во објекти, како и во индустриските и занаетчиските постројки, кој е објавен и во Служебен весник на РМ, број 146/2010.

Дали има навики за барање помош за чистење на оџак или само кога има некаков проблем?

- Во последните неколку години како полека да се буди свеста за барање помош за чистење на оџаците. За жал, се уште има случаи да се бара помош после настанат пожар на оџакот. Ако се знае нашето мото „Огнот е добар слуга, но лош господар“, тогаш мора да се почитуваат нашите препораки и навреме да се извршат подготовките за користење на услугите што ги овозможува безбеден оџак. Да не се чека доцна есен или зима. Секој и сечиј оџак треба правилно да чади. Исправноста на оџаците да се довери на стручни лица и да не се прават експерименти во домашни услови или да се ангажираат лица кои не ја разбираат оваа проблематика.

Каков е ресурсниот потенцијал на ТППЕ-Битола? (луѓе, опрема, возен парк)

- Ресурсниот потенцијал во моментот е на задоволително ниво, споредено со години наназад, како и материјално техничките услови на моменталниот објект, кој го дава својот максимум. Тука мислам на капацитетот на просторните услови, простории за нормално извршување на задачите на вработените. Лесно може да се види дека поголемиот дел од возилата на нашиот возен парк се паркираат пред самата единица. Вкупниот број на вработени е 42, а според законски предвиден број пресметан според бројот на жители би требало да имаме околу 65 пожарникари, не сметајќи ги Општините Новаци и Могила каде е зголемен за нивниот број на жители. Моментално единицата располага со 12 возила-камиони и 2 возила пикап-џипови. Искрено, можам да го пофалам фактот дека единицата во регионот, а можеби и во поширок круг на државата располага со 6 возила за теренски интервенции-шумски пожари и за потешко пристапни терени.

Какви се условите за работа?

- Условите за работа се повеќе од јасни, пред се од аспект на староста на самиот објект неговиот капацитет, како и просечната старост на возилата. Но, сепак можиме да се пофалиме со подмладен кадар на пожарникари, како и со фактот дека последнава година успеваме благовремено да пристигнеме на секое место кое го покриваме и навремено да спречиме пожари од поголеми рамери.

Какви тренинзи реализиравте деновиве и која беше целта за нивно одржување?

- Неодамна реализиравме вежба во атарот на селото Ротино за шуските пожари, каде учествуваа и ренџерите од националниот парк и дел од инволвираните во проект кој го реализираме во рамки на прекуграничната соработка со Република Грција. Со овој проект беше набавена нова опрема за пожарникарите и притоа беа обезбедени комплет интервентни облеки и дел останата опрема која ни беше неопходна. Ние редовно изведуваме тренинзи и обуки, а пред почетокот на сезоната исто така изведовме две вежби со тимот за пожари на отворен простор, една на Тумбе кафе, другите во Ротино и Националниот парк, каде успеавме да ги провериме капацитетите и на тимот и на самите возила и опремата која ја поседуваме.

Сакам да кажам дека тука не застануваме во блиска иднина подготвуваме уште неколку вежби и програмски насоки за проверка и будност на Територијалната против пожарна единица, верен наследник на првата пожарникарска служба формирана на 20 мај 1836 година во Битола.

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Остани поврзан