• четврток, 26 декември 2024

Рјабков: Русија подготвува промени во нуклеарната доктрина поради Западот

Рјабков: Русија подготвува промени во нуклеарната доктрина поради Западот

Москва, 3 септември 2024 (МИА) - Русија ќе ја промени својата доктрина за употреба на нуклеарно оружје поради, како што смета, западната ескалација во војната во Украина, потврди заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков за руските медиуми.

Постоечката нуклеарна доктрина, утврдена со декрет од претседателот Владимир Путин во 2020 година, дозволува Русија да користи нуклеарно оружје во случај на нуклеарен напад од непријателот или конвенционален напад што го загрозува опстанокот на државата.

Претходно, дел од руските воени аналитичари го повикаа Путин да го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје со цел да ги „отрезни“ непријателите на Русија на Запад. Путин во јуни изјави дека нуклеарната доктрина е „жив инструмент“ кој може да се менува во зависност од глобалните настани.

Во јуни, Русија изведе воена вежба за распоредување тактичко нуклеарно оружје и негово лансирање, по наредба на Путин. Вежбата беше изведена близу границата со Украина и вклучуваше трансфер на лажни нуклеарни боеви глави до складишни точки и аеродроми, каде што беа натоварени на бомбардери, објави специјалната нуклеарна единица на руската армија.

Изјавата на Рјабков е најјасен знак досега дека навистина ќе дојде до промени во доктрината. - Работата е во напредна фаза и постои јасна намера доктрината да се модифицира, изјави Рјабков, пренесува државната новинска агенција ТАСС.

Тој додаде дека одлуката е „поврзана со курсот на ескалација на нашите западни противници“ во врска со војната во Украина. Москва го обвинува Западот дека ја користи Украина како посредник за водење војна против Русија со цел нанесување „стратешки пораз“ на Русија и нејзино распарчување. Соединетите Американски Држави и нивните сојузници го негираат тоа и наведуваат дека и помагаат на Украина да се брани од агресивната, колонијалистичка војна.

Путин на првиот ден од руската тотална инвазија на Украина во февруари 2022 година изјави дека секој што ќе се обиде да го спречи тоа ќе се соочи со „последици какви што никогаш во историјата не доживеал“.

Од тогаш, Путин има дадено повеќе изјави кои Западот ги смета за нуклеарни закани и најави распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Тоа не ги спречи САД и нивните сојузници да ја зголемат воената помош за Украина на начини кои беа незамисливи кога војната започна, вклучувајќи испорака на тенкови, ракети со долг дострел и борбени авиони F-16.

Минатиот месец, Украина ја шокираше Русија со пробивањето на нејзината западна граница со напад во Курската област. Русија сè уште се обидува да ги одбие украинските елитни бригади, кои според украинската армија, зазеле повеќе од 1250 квадратни километри руска територија, повеќе од 100 населени места, и заробиле речиси 600 руски војници.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека успехот на операцијата во Курск ги исмеал „црвените линии“ на Путин. Претходно, Путин и други високи руски официјални лица во повеќе наврати се закануваа со тешка одмазда на Западот поради испраќањето на воена помош за Украина. Овие закани никогаш не беа реализирани без оглед на нивото на помош што е испратено во Украина.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во интервју објавено во неделата, изјави дека Западот „оди предалеку“ и дека Русија „ќе направи сè за да ги заштити своите интереси“.

Сепак, Рјабков не прецизираше кога ќе биде завршена ажурираната нуклеарна доктрина. - Терминот за завршување на оваа работа е прилично тежок проблем со оглед на тоа што зборуваме за најважните аспекти на обезбедувањето на нашата национална безбедност, појасни тој.

Русија има повеќе нуклеарно оружје од која било друга земја. Путин во март изјави дека Москва е подготвена за можен нуклеарен војна „од воено-техничка гледна точка“.

Сепак, додаде дека „нема брзање кон нуклеарен конфликт“ и дека „Русија никогаш не се соочила со потреба да употреби нуклеарно оружје во Украина“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан