• вторник, 24 декември 2024

РФМ: Нема веќе билети за натпреварите на македонската репрезентација на ЕП

РФМ: Нема веќе билети за натпреварите на македонската репрезентација на ЕП

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) – Соочена со „секојдневни барања за влезници“ за претстојното Европско првенство во Германија, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) соопшти денеска дека сите билети за натпреварите на македонската репрезентација се веќе распродадени.

Во соопштението РФМ истакна дека согласно регулативата на Европската ракометна федерација, правата за продажба на билети се во надлежност на домаќинот што во овој случај се Ракометната федерација на Германија и нивниот организациски комитет.

- Европската ракометна федерација уште во мај објави дека половина од билетите во продажба се веќе распродадени, а особен интерес и побарувачка за билети имаше во групата А каде настапува и македонската сениорска репрезентација заедно со домаќинот Германија. Организаторите во септември ги пуштија во продажба и последните слободни 10.000 билети, кои во екстремен брз временски рок беа распродадени, информираше РФМ.

Европското првенство во Германија ќе се одржи од 10 до 28 јануари идната година, а македонската репрезентација е во групата А со домаќинот, Франција и Швајцарија.

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров од вчера се во Србија каде во Стара Пазова ги почнаа завршните подготовки за настапот на Европското првенство. ег/мд/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан