Руте: Русија и Кина се обидуваат да ги дестабилизираат државите на НАТО преку саботажи
- Ескалацијата на кампањата на непријателски активности на Русија против земјите на НАТО ќе биде главна тема на денешниот втор ден од состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата, најави утрово генералниот секретар на Пактот, Марк Руте.
Брисел, 4 декември 2024 (МИА) - Ескалацијата на кампањата на непријателски активности на Русија против земјите на НАТО ќе биде главна тема на денешниот втор ден од состанокот на министрите за надворешни работи на членките на Алијансата, најави утрово генералниот секретар на Пактот, Марк Руте.
- Русија, но и Кина, се обидуваат да ги дестабилизираат државите на НАТО преку акти на саботажа, кибер криминал и се разбира, исто така, со обидите за користење на енергијата како оружје, истакна Руте пред почетокот на министерскиот состанок на кој учествува и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Според Руте, на денешното заседание министрите ќе разговараат за начините за справување со ваквите закани, за подобрено споделување на разузнавачки информации и за обезбедување на услови за заштита на критичната инфраструктура.
Тој потсети дека на вчерашниот прв ден од дводневниот состанок министрите од НАТО има средба со јорданскиот крал Абдула Втори на која разговарале за состојбата во регионот на Блискиот Исток.
Кралот ги информирал шефовите на дипломатиите на НАТО за улогата што на Блискиот Исток ја игра Иран, кој, според Руте, парите што ги добива од Русија за поддршката на нејзината агресија врз Украина, ги користи за дестабилизација на регионот. На состанокот се разговарало и за најновите настани поврзани со ситуацијата во Сирија, како и за влијанието на состојбите на Блискиот Исток врз поширокиот регион, пред се врз Северна Африка.
На работната вечера на која присуствуваа и шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха и новата висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, министрите, како што нагласи Руте, дискутирале за колективните напори за да и се обезбеди на Украина потребната противвоздушна одбрана и да и се овозможи заштита на нејзината критична и енергетска инфраструктура, како и да се придонесе за зајакнувањето на земјата со цел таа да се доведе во посилна позиција и да почне разговори за нејзината иднина.
Руте потврди дека Сибиха побарал испорака на дополнителни системи за противвоздушна одбрана за Украина, нагласувајќи дека министрите разговарале за ова прашање и дека за него ќе се дебатира и во наредните денови и недели, со цел да и се помогне на земјата за заштита на нејзините стратешки капацитети и инфраструктура.
Во однос на севкупните случувања и протестите во Грузија, Руте рече дека НАТО со загриженост ги следи настаните по грузиските парламентарни избори и ја охрабрува земјата да се врати на својот пат кон интеграција во Европската Унија и НАТО.
Тој додаде дека за НАТО е неприфатливо какво било странско мешање во изборниот процес и ги осудува обидите за влијание врз изборите, како во неговите земји членки, така и во останатите држави, како последните случаи со Грузија и Молдавија.
Запрашан за коментар за настаните во Јужна Кореја поврзани со иницијативата за импичмент на претседателот Јун Сук Јеол, Руте рече дека оваа земја заедно со Јапонија, Австралија и Нов Зеланд се дел од индо-пацифичкото партнерство на НАТО и дека Алијансата е многу заинтересирани за развојот на состојбата, но дека тој нема да ја коментира јужнокорејската внатрешно политичка ситуација. сп/
Фото: Скриншот