Руте: Нема да ги коментирам американските царини, со нив не се крши Членот 2 од Договорот за НАТО
- Јас сум целосно фокусиран на одбраната на територијата на НАТО и затоа нема да коментирам други прашања освен оние кои се директно поврзани со одбраната, истакна Руте, во одговор на прашање за можната „трговската војна“ меѓу сојузниците од Алијансата поврзана со воведувањето на американските царини и одговорот на ЕУ на нив.

Брисел, 4 април 2025 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на денешната прес-конференција по завршувањето на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата во Брисел, одби да го коментира воведувањето на царини за увозот во САД на стоки од странство, вклучително и од земји сојузнички, потенцирајќи дека министерската средба била целосно фокусирана на одржување на безбедноста на територијата на Алијансата од руската закана.
- Јас сум целосно фокусиран на одбраната на територијата на НАТО и затоа нема да коментирам други прашања освен оние кои се директно поврзани со одбраната, истакна Руте, во одговор на прашање за можната „трговската војна“ меѓу сојузниците од Алијансата поврзана со воведувањето на американските царини и одговорот на ЕУ на нив.
Руте додаде дека не смета оти американските царини претставуваат кршење на Членот 2 од Основачкиот договор за НАТО, потенцирајќи дека и во минатото имало воведување на вакви трговски мерки и конфликти и спорови околу царините меѓу сојузниците и дека тие не влијаеле на способноста на земјите членки да ги почитуваа своите обврски поврзани со одбраната.
Членот 2 од Основачкиот договор за НАТО одредува дека членките на Алијансата треба да настојуваат да ги „отстранат противречностите во нивните меѓународни економски политики и да промовираат економска соработка“.
На прашање како може да тврди дека царините и одбраната не се поврзани, кога многу европски земји посочуваат дека средствата кои би можеле да ги користат за одбранбени трошоци, сега ќе мора да ги пренаменат за покривање на инфлацијата што ќе ја предизвикаат американските мерки, Руте одговори дека политиката е прашање на одлуки и дека секогаш ќе има дебати за тоа како и каде да се трошат парите.
- Секогаш може да се соочите со тоа дека парите кои ги очекувате ги нема, поради инфлација, поради тоа што БДП не расте како што се очекувало..., но тоа е прашање што треба да го решаваат националната политика и политичари и тие го прават тоа. Не сметам дека би можел да помогнам со коментирање на нешто што не е дел од политиката на Алијансата, рече Руте. сп/
Фото: МИА Архива