• четврток, 26 декември 2024

Русковска: Случувањата во последните два месеца ме мотивираа да поднесам пријава за нов мандат

Русковска: Случувањата во последните два месеца ме мотивираа да поднесам пријава за нов мандат
Скопје, 21 октомври 2022 (МИА) - Случувањата во последните два месеца ме мотивираа да поднесам кандидатура за нов мандат во Основно јавно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, рече вечерва суспендираната јавна обвинителка Вилма Русковска во вечерашното интервју во „Топ тема“ на Телма ТВ. Таа претходно во повеќе наврати изјавуваше дека нема намера да аплицира за истото работно место од кое е времено оддалечена по пријавата на екс-директорот на Управата на финансиска полиција, Арафат Муареми. -Во повеќе наврати изјавив дека немам намера да се кандидирам за истото работно место и мојата кандидатура за заменик републички обвинител го покажува токму тоа. Но, по природа сум борец и сето ова што се случи во последните два месеца ме мотивира повторно да поднесам пријава за истото работно место. Да не беше временото оддалечување од работното место, да не беше предлогот за поведување на дисциплинска постапка, сигурно немаше повторно да се пријавам, истакна Русковска. Суспендираната шефица на ОЈО ГОКК додаде дека со повторната кандидатура да биде на чело на институцијата сака да се избори во иднина на ниту еден колега да не му се случи она што ѝ се случи на неа. Обвинителката Вилма Русковска, која е времено суспендирана од позицијата шеф на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), се гони во својство на осомничена во случајот што го отвори Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, по кривичната пријава што ексдиректорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми ја поднесе против неа и нејзини колешки. Обвинителката вчера даде исказ во Обвинителството, по што соопшти дека се гони за наводна злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 1 и за наводно фалсификување докази. нд/лв/

Остани поврзан