• среда, 18 декември 2024

Русковска поднесе жалба на одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители

Русковска поднесе жалба на одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители
Скопје, 19 август 2022 (МИА) - Обвинителката Вилма Русковска денеска напладне поднесе жалба за одлуката за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители. Со жалбата, како што појасни Русковска, таа ги побива наводите во решението. - Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, туку за суспензија на правото и суспендирање на правдата. Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет после ова мене што ми се случи не верувам дека кој било колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите, изјави Русковска. Русковска, не кажа што навела во жалбата, и рече дека најпрво треба членовите на Советот да ја видат жалбата и да бидат запознаени со истата, а потоа и јавноста. Прашана што ќе биде со предметот за кој беше извршен претресот во Управата за финансиска полиција, Русковска, рече дека не знае, и нагласи дека веќе почнала со сослушување на сведоци, но поради суспензијата тие морало да се одложат. - Во решението за моја суспензија е наведено дека предметите треба да ги предадам на колешката која е одредена согласно годишниот распоред, истата од 15-ти се наоѓа на годишен одмор и предметите не можев да ги распределам. А таа не може да ги работи бидејќи и против нејзе има дисциплинска постапка, изјави Русковска. За тоа до какви докази дошле со претресот во Управата за финансиска полиција, Русковска рече дека, не им биле доставени сите документите кои ги барале. - Не дојдовме до докази зашто ние со претресот ги набројавме точно кои предмети треба да ни бидат доставени. Се работи за околу 250 – 300 предмети од кои ни беа доставени 30-тина, повеќето од кои воопшто не ги баравме. Сè уште нема доставено скоро ниту еден предмет од тие кои ги имаме побарано, изјави Русковска. Според законот за кривична постапка, таа посочи дека, имаат право да бараат казнување на институцијата и казнување на одговорното лице и најави дека тоа и ќе го сторат. За предлогот за поведување дисциплинска постапка против неа, Русковска рече дека од Комисијата се уште не и било побарано да се произнесе и посочи дека таа постапка трае подолго. Русковска, нагласи дека ниту јавниот обвинител на РСМ, ниту јавните обвинителства можат да даваат насоки и укажувања по конкретен предмет. -Од страна на ЈОРСМ не се вршеше надзор врз целокупната моја работа или на колешките, туку надзор исклучиво по овој предмет и по овој предмет ние добивме укажувања и сметам дека апсолутно е спротивен на законот. Законот е таков каков што е и мораме таков да го применуваме. Ако излеземе од рамките на кој било закон се создава многу лоша пракса, и сметам дека овој член и став се донесени исклучиво да се обезбеди професионално постапување на кој било јавен обвинител, изјави Русковска. Прашана дали добила поддршка од колегите, Русковска, рече дека добила понуди за помош, но и поддршка од повеќе колеги обвинители од регионот, но и судии и адвокати од земјава. Во однос на тоа дали се чувствува безбедно, и дали има закани по живот, Русковска рече дека нема закани сега за сега, што не значи дека може и да нема. За претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција, директорот Арафат Муареми на 8 август годинава поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сите обвинители за кои тие сметаат дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела при постапување. Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа. Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како што информираа од ЈОРСМ, поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. мс/аа/

Остани поврзан