• недела, 24 ноември 2024

Русковска: Згрозувачки е притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата

Русковска: Згрозувачки е притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата
Скопје, 4 август 2022 (МИА) – Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска ги повикува сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, како што вели, еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Русковска, исто така, бара и европската обвинителка Лаура Ковеши, доколку е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на ОЈО ГОКК, откако е таа на чело на обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и овој најновиот за Муареми... - Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004, нема да дозволам, лице за кое се проверува постапувањето, да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ја градела. Честа, угледот, постењето ги имам научено од мали нозе од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија, татко ми потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум и мајка ми, партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на сремски фронт..., вели Русковска во пишаната реакција во всрка со вчерашниот брифинг на Муареми. Згрозувачки е, нагласува Русковска, притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на ОЈО ГОКК, коешто е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство. - Доколку Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите вистината мора да излезе на виделина. Сакам да прашам како тоа се напаѓаат клучните обвинители, кои ги водеа случаите против Катица, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери, вели Русковска. Според Русковска, токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции, како и амбасадите на САД и ЕУ сериозно да преземат мерки затоа, како што вели, ова најмалку доликува на земја членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив. - Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред ко јбило криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта, нагласува Русковска. Русковска, исто така, најавува дека во периодот што следува е подготвена со јавноста да ги сподели информациите кои ОЈО ГОКК ги има и ќе ги обезбеди, за лице за кое се проверува постапувањето. - Па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминал... нема две вистини никогаш, има само една..., вели Русковска. аа/са/

Остани поврзан