• среда, 18 декември 2024

Руско-американски екипаж вечерва од Флорида заминува кон Меѓународната вселенска станица

Руско-американски екипаж вечерва од Флорида заминува кон Меѓународната вселенска станица

Вашингтон, 2 март 2024 (МИА) – Тројца американски астронаути и еден руски космонаут доцна вечерва треба да полетаат кон Меѓународната вселенска станица (МВС), како дел од редовната ротација на екипажот.

Лансирањето на ракетата Falcon-9 на компанијата Спејс Х е закажано за 23:16 часот по локално време (4:16 часот по средноевропско време) од вселенскиот центар Кенеди во американската сојузна држава Флорида.

Сепак, полетувањето би можело да биде одложено поради временските услови, кои се проценуваат дека се само околу 40 отсто поволни за лансирање.

Капсулата „Драгон“ со астронаутите, на врвот на ракетата Falcon-9, веќе беше искористена за четири претходни мисии со екипаж.

Таа капсула овојпат има четворица патници кои се членови на осмиот екипаж, редовна ротациона мисија обезбедена од SpaceX за американската вселенска агенција (НАСА).

Американецот Мајкл Барат е единствениот астронаут од екипажот 8 кој веќе бил на МВС.

Ова ќе биде прво вселенско патување за уште двајца Американци – Метју Доминик и Жанет Епс, како и за Русинот Александар Гребионкин.

НАСА и руската вселенска агенција Роскосмос, кои заеднички управуваат со МВС, воспоставија програма за размена на астронаути, при што секој наизменично превезува член на екипажот од друга земја.

Програмата опстојува и покрај војната во Украина, а МВС сега е еден од ретките примери на соработка меѓу Вашингтон и Москва.

Астронаутите ќе имаат задача да изведат повеќе од 200 научни експерименти за време на нивниот шестмесечен престој. јт/

Фото: Спејс Х

Остани поврзан