• среда, 18 декември 2024

Руски функционер од Херсон со жесток напад врз министерот за одбрана: Шојгу да размисли за самоубиство

Руски функционер од Херсон со жесток напад врз министерот за одбрана: Шојгу да размисли за самоубиство
Киев, 6 октомври 2022 (МИА) - Кирил Стремусов, вториот човек на Херсон, регионот анектиран од Русија, сугерираше дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу поради поразот на бојното поле, би требало да размисли за самоубиство. Станува збор за изненадувачки, па и невиден јавен напад на еден од највисоките руски претставници, пишуваат дел од светските медиуми. Над седум месеци војна, а не се остварени ниту најосновните воени цели што ги зацрта Русија со инвазијата на Украина. Минатите месеци руската војска претрпе низа порази на бојното поле и рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација, потсетуваат медиумите. Заменикот на лидерот на анектираниот Херсон, Стремусов во видео порака јавно ги прозва  генералите и министрите во Москва затоа што не ги разбираат проблемите на бојното поле. - Навистина, многумина велат дека би се убиле, како офицери, доколку како министри за одбрана би дозволиле да се случуваат вакви работи. Но, знаете дека зборот „офицер“ за многумина е неразбирлив, вели 45-годишниот Стремусов. Дел од медиумите нагласуваат дека таквата јавна и навредлива осуда на воените команданти на Путин, а да доаѓа одвнатре, е многу ретка во Русија. Но, серијата порази на бојното поле во Украина наведе некои од неговите сојузници да ги критикуваат највисоките генерали. Министерот за одбрана Шојгу, еден од најблиските соработници на Путин, е именуван во 2012 година. Тие биле толку блиски, што редовно имале заеднички одмори. Некои британски медиуми оценуваат оти критиката е проблем за Путин. Дали да се жртвува блискиот сојузник и да се признае дека војската потфрлила, или пак, да се задржи Шојгу и да се ризикува преземање вина на себе? Министерството за одбрана не одговори на барањето за коментар. бд/сд/

Остани поврзан