• среда, 25 декември 2024

Руските власти соопштија дека пронашле осум тела на местото на несреќата на авионот во кој се претпоставува дека може бил и Пригожин

Руските власти соопштија дека пронашле осум тела на местото на несреќата на авионот во кој се претпоставува дека може бил и Пригожин

Москва, 23 август 2023 (МИА) - Гувернерот на руската област Твер, Игор Руденија го презеде под лична контрола прашањето за авионската несреќа во Бологовскиот регион во областа Твер, во која, според Министерството за вонредни ситуации, загинаа 10 лица, меѓу кои се претпоставува дека бил и рускиот платеник Евгениј Пригожин. Ова го соопшти прес-службата на регионалната администрација, цитирана од ТАСС.

„На 23 август, цивилен авион се урна во реонот на селото Куженкино, област Болог. Ситуацијата е ставена под контрола од гувернерот на областа Твер, Игор Руденија“, се наведува во пораката.

Според прес-службата на регионалната администрација, на терен работат органите на редот и Министерството за вонредни состојби. „Се утврдуваат детали за инцидентот, се прецизира бројот на загинатите како последица на падот на авионот“, додаваат од прес-службата.

Селото Куженкино се наоѓа на 16 километри од Бологое и 170 километри од Твер. Теренот во наведеното подрачје е претежно пошумен.

Според непотврдени информации на медиумите, урнатиот деловен авион му припаѓал на сопственикот на приватната воена компанија (ПМЦ) „Вагнер“ Евгениј Пригожин, јавија светските агенции.
   
Рускиот регулатор за цивилно воздухопловство, Росавијација, соопшти дека Пригожин бил на списокот на патници на урнатиот авион. Сепак, се уште не е јасно дали Пригожин се качил во авионот.

Руските служби за итни случаи пронајдоа осум тела на местото на несреќата, пренесе РИА Новости.

Пригожин, чиј ПВК „Вагнер“ се бореше заедно со руската редовна армија во Украина, го предводеше бунтот против руското воено раководство кон крајот на јуни, потсетуваат светските агенции. Кремљ соопшти дека тој ќе замине во егзил во Белорусија, а неговите борци или ќе го следат таму или ќе се приклучат во редовите на руската армија. рп/

Фото: „Икс“ на Антон Герашченко

Остани поврзан