• петок, 27 септември 2024

Рускиот дрон што падна во Летонија, носел експлозив за напад на Украина

Рускиот дрон што падна во Летонија, носел експлозив за напад на Украина

Рига, 9 септември 2024 (МИА) - Рускиот воен дрон кој се урна во Летонија носел експлозив кој најверојатно бил наменет за напад на Украина, но леталото залутало во воздушниот простор на балтичката држава, соопштија денеска летонските власти.

Романија и Летонија, членки на НАТО кои ја поддржуваат Украина во нејзината двегодишна војна против Русија, вчера објавија дека истражуваат руски дронови кои се урнале откако влегле во нивниот воздушен простор.

Леталото што падна во Летонија е ирански произведен дрон Шахед, изјави командантот на летонските вооружени сили Леонидс Калнинс.

Експлозивот на дронот, кој најверојатно бил наменет за Украина, беше деактивиран откако леталото беше пронајдено во Летонија, изјави Калнинс за новинарите.

Дронот се урна во реонот на селото Гајгалава на околу 90 километри од границата со Белорусија, од каде што навлезе во воздушниот простор на балтичката земја, соопшти денеска летонското Министерство за одбрана.

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, вчера ги критикуваше инцидентите како „неодговорни и потенцијално опасни“, но рече дека нема индикации дека станува збор за намерен напад врз земјите-членки на Алијансата. ссм/

фото: архива

Остани поврзан