• среда, 25 декември 2024

Руска армија: Шојгу ги надгледува работите за реконструкција во Донбас

Руска армија: Шојгу ги надгледува работите за реконструкција во Донбас
Москва, 6 март 2023 (МИА) - Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ја посети областа на „руската операција“ во Украина со цел да ги надгледува работите за обнова на Донбас, соопшти денеска руската армија.

Претходно во саботата, руската војска извести за посетата на Шојгу на „командно место“ на фронтот во источна Украина, во време кога се води битка за градот Бахмут.

„Во рамките на неговото патување во областа на специјалните воени операции, Шојгу направи инспекција на инфраструктурните локации кои се веќе обновени, како и новите градилишта во Мариупол“, соопшти руската армија, која не го прецизираше датумот на посетата.

Шојгу посети здравствен дом, ургентен центар и нов станбен комплекс од 12 згради во Мариупол, се вели во соопштението и се додава дека му бил презентиран и извештај за изградбата на училиштата во тој пристанишен град.

„Нему му беше презентиран и извештај за изградбата на голем мост што треба да ја поврзе Доњецката Народна Република (ДНР) во источна Украина со рускиот регион Ростов“, додаде армијата.

И покрај неговата стратешка важност, која експертите ја оспоруваат, Бахмут стана симбол на борбата за контрола на индустрискиот регион Донбас, кој се состои од регионите Луганск и Доњецк. Русија го анектираше, но не презеде целосна контрола врз областа. паг/

Остани поврзан