• четврток, 26 декември 2024

Русија ја одби помошта од ОН, бројот на жртвите од поплавите по саботажа на браната се зголемува

Русија ја одби помошта од ОН, бројот на жртвите од поплавите по саботажа на браната се зголемува

Москва, 19 јуни 2023 (МИА) - Русија ги отфрли понудите на Обединетите нации (ОН) да им помогне на жителите погодени од поплавите предизвикани од пробивањето на браната Каховка на реката Дњепар, соопшти синоќа светската организација.

Од 6 јуни, кога браната беше оштетена и се поплави областа Херсон, окупирана од Русија, бројот на жртвите од поплавите се искачи на 52, додека 31 лице се сметаат за исчезнати. На територијата под руска контрола загинаа 35 лица, а на украинска страна 17. Повеќе од 11 илјади луѓе мораа да ги напуштат своите домови.

ОН ја повика Русија да дејствува во согласност со нејзините обврски според меѓународното хуманитарно право.

-Не може да се спречи помошта од луѓето на кои им е потребна, изјави во официјалното соопштение координаторот на ОН за хуманитарна помош за Украина, Дениз Браун.

Украина ја обвини Москва за минирање на браната од советската ера, која е под руска контрола од првите денови на минатогодишната инвазија.

Група меѓународни правни експерти кои им помагаат на украинските обвинители во нивната истрага, сметаат дека „многу е веројатно уривањето на браната да е предизвикано од експлозиви поставени од Русите“.

Од друга страна, Кремљ го обвини Киев дека ја саботирал хидроелектричната брана.

Властите во Одеса ги затворија некогаш популарните плажи на Црното Море таму, забранувајќи го пливањето и консумирањето риба и морски плодови од неидентификувани извори.

-Тестовите на водата минатата недела покажаа опасни нивоа на салмонела и други „заразни агенси“, изјавија украинските власти. Спроведен е и мониторинг на предизвикувачкиот агенс на колера.

Иако поплавите се повлекоа, реката Дњепар однесе тони отпад во Црното Море и на брегот на Одеса, предизвикувајќи, како што го нарече Украина, „екоцид“. Се очекува да се влошат нивоата на токсични материи во морските организми и на морското дно, а зголемен е и ризикот од исфрлени мини на крајбрежјето. мс/сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан