• недела, 24 ноември 2024

Русија усвои измени во изборниот закон

Русија усвои измени во изборниот закон
Москва, 15 јули 2020 (МИА) - Руските пратеници усвоија денеска измени во изборниот закон, со кои се овозможува одржување избори во траење од три дена и надвор од вообичаените избирачки места, што беше осудено од опозицијата која стравува дека тоа ќе ги зголеми нерегуларностите. Долниот дом на рускиот Парламент, Думата, во соопштението наведува дека измените во изборниот закон овозможуваат организирање избори „надвор од избирачките места, односно на места и простори прилагодени за одржување избори“. Текстот е потврден при второ читање, што е најважно во рускиот законодавен систем. За него наскоро ќе се гласа во третото и последно читање. Измените се случуваат по контроверзниот референдум, одржан од 25 јуни до 1 јули, на кој беа изгласани уставните измени, со кои се зајакнаа надлежностите на рускиот претседател Владимир Путин. Гласањето беше организирано во паркови, на клупи и не се водело грижа за тајноста на гласањето. Властите наведуваат дека таквите мерки биле оправдани поради епидемијата на коронавирусот, а опозицијата го осуди како начин за фалсификување на резултатите од референдумот, на кој речиси 78 отсто од гласачите ги поддржаа уставните реформи. Во Русија во септември е предвидено одржување на локални избори, а парламентарните ќе бидат следната година. гт/

Остани поврзан