• среда, 18 декември 2024

Русија го повика на разговор германскиот амбасадор во Москва

Русија го повика на разговор германскиот амбасадор во Москва

Москва, 4 март 2024 (МИА) - Министерството за надворешни работи на Русија денеска го повика на разговор германскиот амбасадор Александар Ламбсдорф, јавија руски медиуми.

Германскиот амбасадор е повикан на разговор откако Главната уредничка на руската медиумска групација „ Росија севодња“ и на телевизискиот канал RT, Маргарита Симонјан, објави на платформата Телеграм дека поседува аудио-снимка на којашто, како што тврди, германски офицери дискутираат за напади врз мостот преку Керченскиот теснец кој директно го поврзува црноморскиот нелегално анектиран полуостров Крим со руското копно.

Според руските медиуми, на аудио снимката од приближно 30-минутен разговор се слушаат четворица офицери на Бундесверот како разговараат за техничките можности на „Таурус“ крстосувачка ракета и дали германските крстосувачки ракети технички се способни да го уништат Кримскиот мост.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека одредени делови од разговорот не биле наменети за пошироката јавност, наведувајќи дека обвинителството може да отвори случај поради протекување информации.

Писториус рече дека во снимката офицерите на Бундесверот разговарале за „различни сценарија“ на настанот, а не за планови. Според него, нивниот разговор не значи одобрување за распоредување на крстосувачките ракети Таурус во Украина.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова претходно изјави дека Москва ќе побара објаснување од Берлин во врска со случајот. ссм/

фото: архива

Остани поврзан