• сабота, 28 декември 2024

Русија – Украина инвазија: НАСТАНИ во денот

Русија – Украина инвазија: НАСТАНИ во денот
21 март 2022 (МИА) -  Русија и Украина денеска ги продолжија мировните преговори. Руските и украинските мировни преговарачи денеска одржаа 90-минутен видео-повик, а работните групи ќе продолжат со разговори во текот на денот, изјави членот на украинската делегација Давид Арахамија. Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека нема да има прекин на огнот во Украина за време на преговорите со Киев, бидејќи украинската страна постојано го прекршувала договорот. Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, претходно денеска изјави дека преговорите би можеле да траат неколку недели. Според него, основно барање на Киев е прекин на огнот, повлекување на армијата и политичко решавање на спорните територии. Амонијак истече од фабриката за вештачко ѓубриво во близина на украинскиот град Суми. Според гувернерот на украинскиот регион Суми, Дмитро Жовоцки, се верува дека загрозената област е во радиус од 2,5 километри. Истекувањето на амонијакот е запрено по неколку часа. Украинските власти ги обвинија руските сили дека синоќа во ракетен напад ја погодиле хемиската фабрика во близина на градот Суми, предизвикувајќи повеќечасовно истекување на амонијак. Претходно, портпаролот на руската армија Игор Конашенков изјави дека истекувањето на амонијак е „планирана провокација“ на украинските сили со цел лажно да ја обвинат Русија за хемиски напад. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното телевизиско обраќање до нацијата апелираше до Германија да го спаси главниот град Киев или „новиот Берлин“. УНХЦР: Над 3,5 милиони лица избегаа од војната во Украина Украинскиот регулатор за нуклеарна енергија: Не работат системите за контрола на радијацијата околу Чернобил. Руските сили го освоија Чернобил на 24 февруари. Раководството на централата во Чернобил вчера соопшти дека се ротирани и сменети првите 50 вработени, кои без престан работеле од преземањето на централата од страна на руските сили. Чешкиот премиер бара повеќе санкции за да се запре Путин. Рускиот претседател Владимир Путин врши воени злосторства во Украина и дополнителни санкции се единствениот начин тој да биде запрен, изјави денеска чешкиот премиер Петр Фиала. Израелскиот премиер Нафтали Бенет, кој настојува да посредува во руско-украинскиот конфликт, денеска изјави дека и понатаму постои голем јаз меѓу двете земји и покрај одредениот напредок. – Има уште долг пат, бидејќи постојат неколку спорни прашање, некои се фундаментални, тврди Бенет. Најмалку шест земји во Европа истражуваат за воени злосторства на Русија во Украина. Покрај Естонија, Литванија и Германија, тоа го прават и Полска, Словачка и Шведска, објави украинската главна обвинителка Ирина Венедиктова. Властите во Одеса ги обвинија руските сили дека извршиле напад врз станбени згради во предградието на украинскиот град утрово, што е прв таков напад врз пристаништето на Црното Море, но не објавија дека има жртви. Договорени се осум хуманитарни коридори надвор од украинските градови, но Мариупол не е еден од нив. Проектили погодија воени полигони во северозападниот град Ривне. Британското воено разузнавање сугерира дека Русија најверојатно ќе продолжи да му дава приоритет на опкружувањето на Киев во наредните недели во услови на тешки борби северно од градот.

Остани поврзан