• петок, 27 декември 2024

Руралните жени - локални хероини во производството на храна

Руралните жени - локални хероини во производството на храна
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Едукацијата, вложувањето во знаењето и развојот на практичните вештини кај жените од руралните средини во делот на претприемништвото е од особено значење за овие мали производителки на храна зашто преку развојот на нивното производство и преработки директно се вложува и во процесот на нивно економско јакнење, просперитет, но и социјална инклузија во општеството, порачува Рурална коалиција. По повод утрешниот Меѓународен ден на руралната жена, денеска во село Пишица, Пробиштип, Рурална коалиција организира настан на кој ќе биде потпишана декларација за официјализирање на работата на Руралното женско лоби како тело на Рурална коалиција, а ќе се доделат и сертификатите за успешно завршената Меѓународна академија на жени претприемачки од руралните средини. -Ќе зборуваме за важноста на жените во агро-бизнисот како производителки на храна, подготвени да се прилагодат на сите предизвици особено во ова време кога храната е се поскапа и се попотребна. Со доделувањето на сертификатите, пак, ќе го одбележиме успехот на жените од руралните средини, но и ќе порачаме дека токму тие се локалните хероини во производството на храна, а нам ни останува да го почитуваме нивниот труд, да ги споделуваме нивните приказни и да го поддржуваме секој нивен чекор понатаму, вели за МИА извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски. Вкупно 25 жени од руралните средини од мај до септември годинава беа активно вклучени во првата Меѓународна академија за жени претприемачки од руралните средини што се спроведува во земјава. Низ 13 модули водени од фасилитаторки, 25 жени успеаjа да го поминат процесот на изработка на бизнис план, да размислуваат за унапредување на сопственото производство, како и да разменуваат меѓусебно знаења и искуства. мч/са/  

Остани поврзан