Рубио бара од американските сојузници да ја стават Иранската револуционерна гарда на црната листа
- Внатрешната директива, од 16 март, потпишана од американскиот државен секретар Марко Рубио, беше испратена до сите американски дипломатски и конзуларни мисии во целиот свет. Во неа се бара од американските дипломати да им достават порака на своите колеги „на највисоко соодветно ниво“ најдоцна до 20 март додавајќи дека напорите за застапување за ставање на овие групи на црната листа треба да бидат координирани со израелските колеги.
Вашингтон, 17 март 2026 (МИА) - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги повика американските дипломати во странство да ги повикаат сојузниците да ги означат Иранската револуционерна гарда и Хезболах со седиште во Либан како терористички групи наведувајќи го зголемениот ризик од напади, објавија британските медиуми.
Внатрешната директива, од 16 март, потпишана од американскиот државен секретар Марко Рубио, беше испратена до сите американски дипломатски и конзуларни мисии во целиот свет. Во неа се бара од американските дипломати да им достават порака на своите колеги „на највисоко соодветно ниво“ најдоцна до 20 март додавајќи дека напорите за застапување за ставање на овие групи на црната листа треба да бидат координирани со израелските колеги.
Администрацијата на Трамп се обидува да ги собере воздржаните сојузници - од кои многумина не беа информирани пред воздушната војна меѓу САД и Израел, која почна пред две недели - да ја поддржат нејзината воена операција.
Неколку американски сојузници вчера изјавија дека немаат непосредни планови да испратат бродови за да им помогнат на американските сили да ја деблокираат Ормускта Теснина отфрлајќи го апелот на Трамп да го задржи отворен овој витален нафтен воден пат.
„Со зголемениот ризик од напади од страна на Иран и неговите партнери и посредници сите влади мора да дејствуваат бргу за да ја намалат способноста на Иран и терористичките групи поврзани со Иран да ги нападнат нашите нации и граѓани“, се наведува во една од точките од телеграмата.
Иранската револуционерна гарда е елитна воена сила, чија цел е да ја заштити шиитската клерикална влада во Иран, а исто така контролира големи делови од економијата на Иран. И Револуционерната гарда и вооружената шиитска муслиманска група Хезболах со седиште во Либан веќе се означени како терористички групи од страна на САД и некои други земји.сд/јт/
Фото: МИА архива