• среда, 25 декември 2024

РСБСП: Матурските прослави нека поминат без сообраќајни инциденти

РСБСП: Матурските прослави нека поминат без сообраќајни инциденти
Скопје, 20 мај 2022 (МИА) - Републичкиот совет за безедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во пресрет на матурските прослави апелира до матурантите за време на овие прослави да не управуваат моторно возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол. -Матурата за секој матурант и неговото семејство е од огромно значење. Тоа е чин на завршување на една и почеток на друга фаза во животот на младите. Одбележувањето на матурирањето најчесто е незаборавно, но загрижува начинот на кој се прославуваат матурските вечери: се организираат автомобилски трки, се управува моторно возило без возачка дозвола или под дејство на алкохол, се прават фотографии и видео записи и се објавуваат на социјалните мрежи за време на управување со возилото и слично. Секако, тоа не е вистинскиот начин да се демонстрира матурирањето на дело, посочуваат од РСБСП. Сообраќајната статистика и искуствата од минатите години, покажуваат дека во деновите кога се организираат матурските прослави се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а, како што наведуваат, голем дел од учесниците во незгодите се млади луѓе – матуранти, кои најчесто во незгодите завршуваат со тешки телесни повреди, а не ретко и го губат својот млад живот. -Затоа, во пресрет на матурските прослави, РСБСП на матурантите им укажува на страшните последици кои може да се случат заради непочитување на сообраќајните правила и прописи или невнимание во сообраќајот, а на родителите им упатува апел: Не им дозволувајте на вашите деца да одат на матурската прослава со семејниот автомобил или да бидат возени од друг матурант. Вие одведете го своето дете матурант до местото на матурската прослава и намалете го ризикот од сообраќајни незгоди, потенцираат од Републичкиот совет за безедност на сообраќајот на патиштата. РСБСП секоја година редовно повикува на совесност и одговорност на матурантите и на нивните родители, а укажува на сериозноста на можните последици од сообраќајни инциденти. „Не си фраер ако загинеш на матура!“, „Покажи ја матурата на дело!“, „На матурска прослава, без автомобил!“ се пораките кои изминатите години Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги упатуваше до матурантите и нивните родители. ев/са/

Остани поврзан