• среда, 27 ноември 2024

РСБСП апелира до возачите да ја намалат брзината и внимаваат на децата во сообраќајот

РСБСП апелира до возачите да ја намалат брзината и внимаваат на децата во сообраќајот
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) - Со почетокот на учебната година, фрекфенцијата на возила и на пешаци во сообраќајот значително се зголемува. Согласно тоа, се зголемува и потребата за дополнителна доза внимателност од страна на сите учесници во сообраќајот, особено кога се движат во близина на училиште или на градинка, потсетува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата - РСБСП. - Бидете внимателни, внимавајте на децата во сообраќајот и намалете ја брзината во близина на училишта и градинки. Внимавајте каде паркирате, затоа што неправилно паркираните возила ги прават децата невидливи во сообраќајот.  Не заборавајте дека безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните, апелираат од РСБСП до возачите. РСБСП, исто така, ги потсетува родителите дека тие се примерот на кој децата секојдневно се огледуваат. - Личниот пример кој родителите им го даваат на децата во сообраќајот треба да биде безусловно и целосно почитување на правилата и прописите во сообраќајот и на тој начин всушност континуирано да ги наведуваат  децата да бидат безбедни и одговорни во сообраќајот, се вели во соопштението од РСБСП. Статистичките податоци покажуваат дека децата многу често страдаат во сообраќајни незгоди како патници. Во таа насока, РСБСП потсетува на законската обврска според која, деца кои немаат полни 12 години, не смеат да се превезуваат на предното седиште, како и за обврската за користење сигурносен појас на сите седишта и детско седиште за деца на возраст до пет години.  Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку очекувате, затоа, многу е важно секогаш да бидете заштитени вие и вашите најмили. РСБСП, исто така, потенцира дека децата кои немаат полни 10 години не е безбедно да се оставаат сами да одат на училиште. - Доколку од одредени причини се одлучите да  го пуштете детето да оди само на училиште, потрудете се да биде барем во група од две до три деца.  Во таква ситуација, секој одговорен родител должен е на своето дете да му го покаже и да му го повтори најбезбедниот пат од училиште до дома, да му посочи на детето за потенцијалните ризици и закани во сообраќајот и да му ги објасни и повтори најважните правила и прописи во сообраќајот, потсетуваат од РСБСП. РСБСП на сите ученици им посакува успешна учебна година и уште еднаш ги потсетува безбедно, внимателно и одговорно да учествуваат во сообраќајот. аа/ац/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан