• петок, 27 декември 2024

Роџер Вотерс „персона нон грата“ во Полска поради неговиот став за војната во Украина

Роџер Вотерс „персона нон грата“ во Полска поради неговиот став за војната во Украина
Краков, 28 септември 2022 (МИА) - Полскиот град Краков денеска го прогласи Роџер Вотерс од Пинк Флојд за „персона нон грата“ поради неговиот став за војната во Украина, неколку дена откако неговите концерти таму беа откажани. „Не сакаме луѓе во Краков кои заземаат страна на Русија во информациската војна и ја поддржуваат или повторуваат пропагандата на Путин“, напиша на Твитер потпретседателот на градскиот совет Михал Друницки. Тој додаде дека Советот бил едногласен во одлуката британскиот музичар да биде прогласен за „персона нон грата“. Предлогот не е правно обврзувачки. Вотерс напиша отворено писмо претходно овој месец, во кое вели дека Западот треба да престане да му дава оружје на Киев, обвинувајќи го претседателот Володимир Зеленски дека дозволува „екстремен национализам“ во Украина, барајќи од него „да стави крај на оваа смртоносна војна“. Украинската прва дама Олена Зеленска возврати на Твитер до Вотерс: „Подобро да побарате мир од претседателот на Руската Федерација. Не од Украина“. Вотерс требаше да одржи два концерта во Краковската Таурон Арена во април 2023 година, но во саботата полски медиуми пренесоа дека концертите се откажани. Вотерс на Фејсбук ги негираше извештаите на полските медиуми дека неговиот тим се повлекол. паг/

Остани поврзан