• четврток, 26 декември 2024

Рохани на годишнината од револуцијата ги повика граѓаните да излезат на избори

Рохани на годишнината од револуцијата ги повика граѓаните да излезат на избори
Техеран, 11 февруари 2020 (МИА) – Стотици илјади граѓани денеска ја одбележуваат 41-годишнината од Исламска револуција во Иран, а претседателот Хасан Рохани ги повика граѓаните да излезат на претстојните парламентарни избори, што се закажани на 21 февруари. - Не треба да се откажеме од гласање. Гласачките кутии се нашите спасувачи. Ве молам да не бидете пасивни, истакна Рохани во својот говор на плоштадот Азади. Иранските власти дисквалификуваа голем број граѓани, меѓу кои и 90 пратеници од учество на изборите. Според иранските медиуми во повеќе од 5.000 градови и окрузи одржани се собири по повод годишнината од Исламската револуција, што се одбележува и покрај тензиите помеѓу Иран и САД. Иранската државна телевизија овогодинешните собири ги нарече „Сулејманова зора“, а голем број учесници носеа фотографии од неодамна убиениот ирански генерал Касим Сулејмани и од постери со ликот на Рохани. Исламска револуција го трансформира Иран од кралство предводено од шахот Мохамед Реза Пахлави во Исламска Република под ајатолахот Рухолах Хомеини, лидер на револуцијата и основач на Републиката. Исламска револуција почна во јануари 1978 година со големи протести, а заврши со усвојување на теократски Устав, според кој Хомеини стана врховен лидер на Иран во декември 1979 година. Во меѓувреме шахот Пахлави во јануари 1979 година побегна од земјата, а на 1 февруари истата година ајатолахот Хомеини се врати во Техеран. Крајот на династијата Пахлави се случи на 11 февруари кога иранската армија прогласи „неутралност“ откако герилските и бунтовничките сили ги победија силите верни на шахот. Иран на 1 април 1979 година стана Исламска Република откако Иранците со големо мнозинство ја поддржаа одлуката на референдум. ми/

Остани поврзан