• четврток, 26 декември 2024

Роскосмос одби да лансира интернет-сателити поради британските санкции

Роскосмос одби да лансира интернет-сателити поради британските санкции
Москва, 3 март 2022 (МИА) - Руската државна вселенска агенција Роскосмос одби да лансира интернет-сателити „Уанвеб“ (OneWeb), барајќи гаранции дека нема да се користат за воени цели и барајќи од Велика Британија да го продаде својот удел во компанијата. Лансирањето на интернет-сателитите требаше да се изврши утре, со помош на руската ракета „Сојуз“, но тоа нема да се случи. Раководителот на Роскосмос - Дмитриј Рогозин изјави дека агенцијата ги посочила своите барања како одговор на санкциите што Велика Британија ги воведе кон Русија по инвазијата во Украина. Меѓу другото, Британците им забранија на руските бродови да влегуваат во нивните пристаништа и го санкционираа најголемиот дел од рускиот финансиски систем. Сепак, британскиот секретар за бизнис и енергија, Кваси Квартенг рече дека барањата на Роскосмос нема да бидат исполнети бидејќи „нема преговори за ’Уанвеб‘,“ оти Британската влада „нема да го продаде својот удел“. Тој додаде дека во тек се разговори со другите акционери за да се договорат следните чекори. Рогозин рече дека ќе ѝ даде рок од два дена на Велика Британија да го промени својот став. До денес, 428 „Уанвеб“ сателити се поставени во Ниската Орбита на Земјата со помош на ракети „Сојуз“. Компанијата „Уанвеб“ има намера да обезбеди глобална интернет-покриеност од Вселената користејќи 648 сателити, како што е првично предвидено. Во меѓувреме, „Спејс-Икс“ испорача сателитски интернет-терминали „Старлинк“ во Украина, по ветувањата на шефот на компанијата - Илон Маск. Се верува дека украинската Влада ќе го користи ова за земјата да остане приклучена на интернет за време на воениот судир.  си/ссм/

Остани поврзан