• среда, 18 декември 2024

Романскиот претседател Јоханис ќе остане на функцијата до избор на негов наследник

Романскиот претседател Јоханис ќе остане на функцијата до избор на негов наследник

Букурешт, 6 декември 2024 (МИА) - Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека ќе ја задржи функцијата до изборот на нов шеф на државата, откако Уставниот суд го поништи првиот круг од претседателските избори.

„Новата влада ќе подготви изборен календар по консултации со парламентарните партии и формирање на новиот парламент“, рече Јоханис во обраќање пренесено на официјалниот YouTube канал на претседателската институција.

Јоханис нагласи дека Уставниот суд открил сериозни неправилности, вклучувајќи незаконско влијание на изборната кампања од страна на странска држава. Според него, овие активности претставуваат прашање на национална безбедност.

- Романија е во ситуација без преседан. Мислам дека е добро да се потсетиме како стигнавме овде, истакна шефот на државата.

Тој објасни дека набргу по првиот круг на претседателските избори, од службите добил сигнали, прво телефонски, дека некои работи се чудни. Побарал проверка и за кратко време писмено ја добил информацијата, по што свикал седница на Врховниот совет за национална одбрана. На седницата се разговарало за четири материјали на Романската разузнавачка служба, Службата за надворешно разузнавање, Специјалната служба за комуникации и Министерството за внатрешни работи.

- Заклучоците се дека еден кандидат незаконски имал корист од масовна предизборна кампања во двата дена кога според законот тоа е забрането - сабота пред избори и недела, самиот изборен ден. Тоа го крши изборниот закон. Кандидатот декларира нула трошоци и покрај тоа што води многу добро развиена кампања. Од службите добивме информација дека кампањата е поддржана од странска земја. Тоа се сериозни работи, додаде Јоханис.

Тој рече и дека неколку дена по овие настани, поголема група невладини организации побарале од него да ги декласифицира сите материјали од состанокот на Врховниот совет за национална одбрана, а по разговорот со раководителите на институциите кои ги подготвиле материјалите, тој го стори тоа.

- Врховниот совет за национална одбрана нема никаква врска со изборите, но сигналите дека оваа кампања е незаконски поддржана надвор од Романија доведоа до заклучок дека се занимаваме со прашање на национална безбедност. По неколку жалби од различни партии, денеска Уставниот суд одлучи да ја укине целата постапка за избор на претседател, додаде Јоханис.

Претседателот истакна дека Романија останува стабилна и сигурна држава, проевропски ориентирана и цврст сојузник на НАТО. ссм/

фото: архива

Остани поврзан