Романскиот премиер побара Понта да се повлече од претседателската трка по признанието за поплавување села заради Белград
- Премиерот на Романија Марчел Чолаку побара поранешниот премиер и актуелен независен кандидат за претседател Виктор Понта да се повлече од изборната трка, откако Понта во подкаст изјави дека во 2014 година наредил контролирано поплавување на романски села за да го спаси Белград од поплави.

Букурешт, 10 април 2025 (МИА) - Премиерот на Романија Марчел Чолаку побара поранешниот премиер и актуелен независен кандидат за претседател Виктор Понта да се повлече од изборната трка, откако Понта во подкаст изјави дека во 2014 година наредил контролирано поплавување на романски села за да го спаси Белград од поплави.
Во подкастот „Во живо со Турческу и Андроник“, емитуван вчера, Понта рече дека се гордее со одлуката и дека како знак на благодарност добил српско државјанство, од кое сега сака да се откаже поради кандидатурата.
Изјавите предизвикаа бурни реакции во јавноста, по што Понта објави дека „ниту еден романски живот не бил загрозен“ и дека штетите биле минимални и веднаш санирани.
Телевизија Диџи 24 потсетува дека во јужниот дел на Романија во 2014 година се случија големи поплави. Во мај, над 1500 хектари земјоделски култури, пасишта и шуми беа поплавени од надоаѓањето на Дунав, при што беа погодени населбите Бекет, Писку Век, Деса и Четате.
Во Србија, тогашниот премиер изјави дека неговата земја се соочува со „несреќа од библиски размери“, потсетува романската телевизија. Србија и Босна и Херцеговина тогаш побараа меѓународна помош, додава Диџи 24.
„Романците треба да знаат дека во 2014 година се случија најголемите поплави во Европа во последните 120 години, кои предизвикаа жртви и огромни уништувања! Во Романија, за среќа, заедно со специјалистите ги презедовме неопходните мерки, а животот на ниту еден Романец не беше во опасност. Минималните материјални штети беа веднаш поправени и беа доделени обесштетувања“, наведува во својата објава Виктор Понта и додава дека, како добар сосед, Романија им помогнала на земјите во опасност.
„Еден лидер донесува брзи и правилни одлуки и јас тоа го направив! Оние што сега слепо ме обвинуваат, во 2014 година работеа заедно со мене во владата! Заедно ги заштитивме Романците и им помогнавме на соседите! И така треба да продолжиме да правиме!“, напиша Понта на Фејсбук.
Друг независен кандидат за претседател – градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, побара од премиерот Марчел Чолаку да ги декласифицира и објави сите документи поврзани со одлуките на Виктор Понта во 2014 година во врска со поплавите во јужниот дел на Романија.
„Виктор Понта раскажа како во 2014 година, кога беше премиер, избрал да бидат поплавени романски села за да не надојде Дунав во Белград. Ова е впечатливо, особено кога се има предвид неговата таканаречена ‘суверенистичка’ кампања под слоганот ‘Романија на прво место!’“, напиша Никушор Дан на Фејсбук и побара декласификација на документите поврзани со одлуката на Понта.
„Романците имаат право да знаат врз основа на што Виктор Понта одлучил да поплави романски села по брегот на Дунав“, додаде Никушор Дан.
Премиерот Марчел Чолаку, пак, побара од Виктор Понта да се повлече од трката за претседателски мандат по неговите изјави во подкастот, објави Диџи 24.
„Кога си премиер, има многу моменти кога си принуден да носиш тешки одлуки. Но тие никогаш не смеат да се кријат од сопствените граѓани. Да признаеш јасно по години дека си се согласил, како премиер на Романија, да поплавиш романски села за да спасиш странски градови и да се пофалиш дека за компензација си добил државјанство на друга земја, јасно е дека играта на суверенизам не држи“, напиша Марчел Чолаку на Фејсбук.
Актуелниот премиер на Романија додаде дека Понта, од позиција на премиер, требало да ја штити сопствената држава и граѓани.
„Виктор, донеси барем сега правилна одлука! Повлечи се од трката!“, повика Марчел Чолаку. „Барем во последен момент исправи ја огромната грешка направена тогаш! Стави ја барем сега Романија навистина на прво место!“, додаде Чолаку во објавата.
Слоганот на Виктор Понта во неговата кампања за претседател е „Романија на прво место“. Тој е поранешен премиер на Романија од периодот 2012-2015 година и поранешен лидер на Социјалдемократската партија, која сега ја предводи Марчел Чолаку. Виктор Понта неодамна ги напушти редовите на партијата поради несогласување со заедничката кандидатура за претседател на владејачката коалиција, во која влегуваат Социјалдемократската партија, Национално-либералната партија и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија. ссм/
фото: архива