• среда, 27 ноември 2024

Романија: 95 лица осудени за корупција во декември и јануари, меѓу нив раководители на агенции и министерства

Романија: 95 лица осудени за корупција во декември и јануари, меѓу нив раководители на агенции и министерства

Букурешт, 27 февруари 2023 (МИА) - Деведесет и пет лица се осудени за корупција во Романија во декември и јануари, објави Националната дирекција за борба против корупцијата во земјата. Нивните казни варираат од шест години до шест месеци затвор.

Станува збор за кривични дела поврзани со примање и давање поткуп, тргување со влијание, злоупотреба на службената положба, измама со европски фондови.

„Меѓу конечно осудените се заменик генералниот директор на Агенцијата за плаќања и интервенции во земјоделството (АПИА), заменик генералниот директор на Националната управа за романските води (АНАР), директор на министерство, градоначалник на општина, четворица полицајци, 20 царински службеници“, се вели во соопштението на Националната дирекција за антикорупција, пренесува БТА.

Во меѓувреме, Министерството за правда на Романија ги објави предлозите за функцијата главен обвинител на Врховното обвинителство и главен обвинител на Националната дирекција за борба против корупцијата. Тоа се Алекс Флоренца и Мариус Воињаг.

Алекс Флоренца е обвинител од Дирекцијата за истрага на организиран криминал и тероризам во Букурешт.

Мариус Воињаг е заменик-шеф на Одделот за „Кривично обвинителство и форензика“ при Основното обвинителство и поранешен шеф на Канцеларијата за борба против економски и финансиски криминал при Дирекцијата за истражување на организиран криминал и тероризам во Букурешт. ссм/

Остани поврзан