• четврток, 26 декември 2024

Ромалитико со реакција за судската пресуда за прегазувањето на десетгодишно дете

Ромалитико со реакција за судската пресуда за прегазувањето на десетгодишно дете

Скопје, 16 ноември 2023

Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико изразува незадоволство од донесената пресуда на судијката Марија Клетничка за прегазувањето на десетгодишно дете на булеварот „Никола Карев“ кое што почина на лице место.

Лицето кое го изврши делото возело со прекумерна брзина, односно 26 километри повеќе од дозволеното. Тој, исто така, избегал од местото на настанот и извршил дело „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“. По ударот, 10-годишното дете починало на лице место. За ваквиот чин, сторителот добил казна затвор од само две години и три месеци.

Според досудената казна судијката го осудила сторителот со минимална или казна под пропишаниот минимум, не земајќи ги в предвид членовите 300 ст.2 каде е пропишана казна затвор од најмалку четири години и 301 ст.2, бидејќи секое лице кое ќе се затекне на место каде што има повреден има обврска да укаже помош. Во овој случај сторителот самиот ја предизвикал сообраќајната несреќа и притоа не укажал помош, иако бил должен истото да го стори што треба да се смета за отежнителна околност.

Овој случај ги потврдува забелешките за владеењето на правото и селективната правда кои дојдоа на сметка на судскиот систем во нашата земја од последните извештаи на Американскиот Стејт департмент за човекови права и Извештајот на Европската комисија за напредокот на државата. Притоа, се потврдува ниската доверба на јавноста во судскиот систем, која и така е многу мала.

Губењето на животот на детето е трагедија и болка којашто ќе го следи семејството до крајот на животот и најмалку што може судот да направи за овој случај е да донесе праведна одлука за казна на сторителот. Меѓутоа, ваквите пресуди во коишто сторителите добиваат минимални казни, а има човечки жртви, во случајот 10-годишно дете, дополнително ја потврдуваат недовербата на граѓаните во правосудниот систем во државата. Во одмерувањето на казната се земаат в предвид годините на сторителот дека е млад и дека нема претходно извршено кривично дело, меѓутоа не се зема в предвид тоа дека починатото лице е дете од 10 годишна возраст чиј живот е прерано згаснат од страна на несовесен возач.

Ромалитико бара да се постапи соодветно по поднесената жалба од страна на родителите на починатото дете, да се земат сите околности во предвид, а особено тоа што лицето возело со прекумерна брзина и не застанало на местото на настанот да укаже помош којашто можеби би била круцијална во спасувањето на животот на детето.
 

Институт за истражување и анализа на политики Ромалитико

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан