• петок, 27 декември 2024

„Ролинг стоунс“ преку оглас во лондоснки весник го најавија својот нов 31. албум

„Ролинг стоунс“ преку оглас во лондоснки весник го најавија својот нов 31. албум

Лондон, 25 август 2023 (МИА) - „Ролинг стоунс“ го најавија новиот албум на прилично необичен начин - со оглас во печатот. Сегашните членови, сега во нивните 70-ти и 80-ти години од животот, го избраа лондонскиот весник „Хакни газет“ за подробностите за новиот албум.

Површно, рекламата може да изгледа како обично известување за нова продавница. „Хакни дајмондс, специјалисти за поправка на стакло, отворање во септември 2023 година“, вели известувањето на страница 3 од весникот. Под тој текст, следи описот со многу клучни зборови.

„Нашиот тим ви ветува задоволство („satisfaction“). Кога ќе речете - дајте ми засолниште („Gimme Shelter“), ќе ви ги поправиме искршените прозорци“, стои во објавата, меѓу другото.

„Загатката“ со зборови од познатите песни на „Ролинг стоунс“ вели дека ова е всушност најава за нивниот 31. студиски албум.

А пак, на телефонскиот број наведен во огласот, се слуша гласовна порака: „Добредојдовте во ’Хакни дајмондс’, специјалисти за поправка на стакло. Не се лутете, дајте го на поправка“, вели машки глас со препознатливот англиски „Кокни“ нагласок.

Така, претпоставките говорат оти „Хакни дајмондс“ („Hackney Diamonds“) е всушност насловот на новиот албум. Ова би бил прв ваков материјал на рок-составот по речиси 20 години - последниот беше „A Bigger Bang“ од 2005 година. Новиот албум ќе биде и првиот без тапанарот Чарли Вотс, кој почина во 2021 година.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан